Натписот Македонска опера и балет викендов беше изваден од зградата на оваа институција и сега има празно место. Најголемата културна институција во државава согласно Договорот од Преспа и уставните измени, го промени називот во Национална опера и балет (НОБ).
„По насоки и инструкции на Владата, тргнати се старите букви, коишто ќе ги замениме со нови, Национална опера и балет. Направена е пререгистрација и секаде веке фигурираме како Национална опера и балет. За нови ќе почекаме, тоа ќе чини пари и најверојатно ќе треба да распишеме тендер“, вели генералниот директор на НОБ Васко Ристов за САКАМДАКАЖАМ.МК.
На прашањето зошто го смениле натписот пред да стигне новиот, директорот вели: „Добив инструкции од Владата дека треба да се сменат до 18 август. Вработените во НОБ се на колективен одмор, се договоривме сега тоа да го направиме“.
Ристов, кој е музички селектор на фестивалот Охридско лето, додава дека фирмата која ги изработила старите букви е на одмор, и дека тој утре се враќа од Охрид во Скопје, ќе има колегиум и ќе побара од службите што побрзо да се заврши работата.
Владата на 5 март објави дека на својата 124 седница, на предлог на Меѓуресорска работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, донесе одлука да ги задолжи, односно да им укаже и препорача на сите институции да извршат промена на јавните табли на влезот од сите институции, во однос на името на државата, согласно амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХV на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за употреба на јазиците.
Б. НЕСТОРОСКА