Берлинскиот филмски фестивал ја назначи Триша Татл, поранешната директорка на Филмскиот фестивал во Лондон, за нова директорка чиј мандат почнува од април 2024. Татл ќе ги наследи Карло Катријан и Мариет Рисенбек, кои заедно го водеа Берлиналето како уметнички и извршни директори од 2020 и ќе се повлечат по изданието во февруари 2024 кога ќе им заврши мандатот.
Берлинскиот филмски фестивал е вториот најголем меѓународен филмски фестивал во светот по Кан. Исто така, тој е домаќин на Европскиот филмски маркет, клучен собир во индустријата каде што се претставуваат и продаваат независни филмови.
Татл беше директорка на Лондонскиот филмски фестивал за време на просперитетната петгодишна ера во која публиката речиси се удвои, а се повлече по изданието во 2022. Таа претходно беше заменичка на директорката на фестивалот Клер Стјуарт. Таа му помогна на фестивалот да се прошири надвор од Лондон со проекции низ Обединетото Кралство. Околу една третина од фестивалските проекции беа надвор од Лондон во 2021. Татл, исто така, работеше пет години во БАФТА како менаџерка на филмска програма.
Рисенбек одлучи да се повлече по изданието во 2024, но управното тело на Берлинале на Катријан не му даде можност да отслужи втор мандат. Објаснувајќи ја одлуката да се постави ново раководство, министерката за култура Клаудија Рот рече дека сака фестивалот да го води и претставува една личност наместо да има двојно раководство.
Над 400 филмаџии и актери, меѓу кои Мартин Скорсезе, Пол Шредер, Бела Тар, Оливије Асајас, Кирстен Стјуарт и Маргарета фон Трота, потпишаа петиција во знак на протест против одлуката на комесарот за култура и бараа продолжување на договорот на Катријан.
Берлиналето вчера објави дека оскаровката Лупита Нионго ќе биде претседателка на жирито за Златна мечка на следното издание, вгодина во февруари.