Во историјата и борбата на македонскиот народ препознав дел од своето лично искуство, рече денеска во Скопје грчкиот поет Сотирис Минас, кој сам го научил македонскиот јазик.
Минас во книжарницата на „Матица македонска“ ја промовираше книгата „Раскинување на договорот“. Иако нема македонско потекло, сам го научил македонскиот јазик, на него ги препеал сопствените песни, а својата прва поетска книга ја објавил токму во Македонија, напоредно на грчки и на македонски. Двојазично издание е објавено по иницијатива на поетот и издавач Раде Силјан, кој е и главен уредник на книгата.
Отворајќи го настанот, Силјан посочи дека изданието претставува значаен книжевен и културен чин што ги поврзува двата народа преку поезијата и јазикот.
Станува збор за прва поетска збирка на Минас објавена во Македонија, во која, покрај грчките оригинали, се вклучени и македонски препеви, направени од самиот автор. Во авторската белешка, Минас наведува дека одлуката книгата да биде објавена во Македонија е „свесен чин на правда“, а двојазичното издание го определува како практично признавање на македонскиот идентитет и чин на солидарност.
„Кога ја проучував историјата на македонскиот народ и на овој регион, во нивната борба ја препознав мојата сопствена борба“, рече Минас, додавајќи дека учењето на македонскиот јазик за него претставува свесен, политички и хуманистички чин.
За книгата говореше писателот и книжевен критичар Иван Антоновски, кој ги потенцираше симболиката на изданието и поддршката што Минас ја покажува кон македонскиот јазик и култура.
„Нашиот јазик не чека туѓа потврда за да постои“, кажа Антоновски, оценувајќи дека книгата покажува оти ниту еден јазик не мора да исчезне за другиот да биде слушнат и разбран.
„Раскинување на договорот“ обработува теми поврзани со слободата на изразување, правото на сопствен јазик, љубовта, ранливоста и отпорот кон стравот и замолчувањето.




