УМЕТНОСТ ОД ПАЦИЕНТИ СО ШИЗОФРЕНИЈА ВО ДЕМИР ХИСАР ЌЕ СЕ ИЗЛОЖИ ВО МУЗЕЈОТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

    УМЕТНОСТ ОД ПАЦИЕНТИ СО ШИЗОФРЕНИЈА ВО ДЕМИР ХИСАР ЌЕ СЕ ИЗЛОЖИ ВО МУЗЕЈОТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈАОд претставувањето на изложбата „Охрид/ поглед од другата страна“ во Охрид во јануари. (Фото: Центар за креативни индустрии НЕБО)

    Психијатриски пациенти хоспитализирани во Психијатриската болница во Демир Хисар работеа на дела инспирирани од македонското културно наследство, а изложбата ќе се отвори денеска во 12 часот во Музејот на Северна Македонија.

    Изложбата е насловена „Охрид/ поглед од другата страна“, а како што вели авторката на проектот, историчарката на уметност Јасмина Котевска, ќе бидат поставени ликовни дела и фотографии на група психијатриски пациенти, кои учествувале во две работилници за кои имало организиран тридневен престој во Охрид и разгледување на неговото културно наследство.

    Изложбата е во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Суводол, Демир Хисар и Музејот, како дел од проектот „Многу луѓе – многу погледи“ кој беше селектиран помеѓу десетте најдобри приказни на повикот „Приказни за европското културно наследство“ во програмата „Европски денови за културното наследство“, поддржана од Советот на Европа и Европската комисија.

    Од претставувањето на изложбата „Охрид/ поглед од другата страна“ во Охрид во јануари. (Фото: Центар за креативни индустрии НЕБО)

    „Целта на приказната е да се претстави и сподели македонското културно наследство, како дел од заедничкото европско наследство, преку очите на една маргинална група – психијатриски пациенти. Идејата во тоа да се вклучат лица со ментални болести – во нашата приказна целна група беа лица кои се хоспитализирани со различни форми на шизофренија – пред сѐ, се заснова врз европските вредности за почитување на слободата, демократијата, еднаквоста и почитувањето на човековите права, вредности кои еднакво важат за секоја единка во светот во кој живееме. Учесниците имаа можност да го истражат културното наследство на Охрид (материјално, нематеријално и природно) и истовремено низ своите фотообјективи да направат една негова фотодокументација. Дообликувајќи ја ликовно приказната низ лични осознавања, тие дадоа свој придонес кон промовирање на овој град – скапоцен камен на нашата земја. Фотографиите се настанати спонтано, додека ликовните дела се изработувани по тематски предлошки избрани по желба на учесниците, но и по спонтани замисли“, вели Котевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира