Режисерот Слободан Унковски ги почна читачките проби за претставата „Сите сме птици“, по текстот на либанско-канадскиот автор Важди Муавад, што е негово враќање во Македонскиот народен театар по девет години.
Од МНТ велат дека станува збор за моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства и притоа истражува кои сме или мислиме дека сме.
„Во драмата на Муавад, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знае за својот идентитет додека се случува израелско-палестинскиот конфликт. По терористички напад во Ерусалим, младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата мароканска девојка Вахида е оставена да ја открие неговата семејна тајна“, се вели во најавата на претставата.
Во актерската екипа се Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други. Текстот од француски го преведе Калиопа Петрушевска.
Премиерата на „Сите сме птици“ се очекува на почетокот на следната театарска сезона.
Г. КОНЕВ