ВЕЧЕР НА ЏЕЗ СО САКСОФОНИСТОТ КОЛМЕН, ГИТАРИСТОТ РИБО И ПОЕТОТ ЏОЗЕФ

    ВЕЧЕР НА ЏЕЗ СО САКСОФОНИСТОТ КОЛМЕН, ГИТАРИСТОТ РИБО И ПОЕТОТ ЏОЗЕФ Стив Колмен и Марк Рибо свират во МОБ, Антони Џозеф во МКЦ

    Американскиот саксофонист Стив Колмен со својата група „Фајв елементс“ ќе ја отвори третата вечер на Скопскиот џез фестивал (СЏФ), денес во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ). Следен е гитаристот Марк Рибо со „Млади филаделфијци“. На полноќ во Дaнсинг салата е најавен британскиот поет и музичар Антони Џозеф.

    Колмен го опишуваат како „неуморен човек кој постојано учи, студира и набљудува“. Тој е еден од основачите на таканареченото М-Басе движење, во чија рана фаза беа вклучени и Грег Озби и Касандра Вилсон. Тој започна да создава концептуални линкови до сите комплексни системи: нумеролошки, астролошки, митско-религиозни. И покрај комплексноста и асиметричноста, ритмите во музиката на Колмен беа циркуларни и особено комплексно полуметрични кои го сочувуваа танцовиот карактер на популарниот фанк.

    Преку децениската работа како придружен музичар на Том Вејтс, Дајана Крол, Елвис Костело, Ти-Боун Барнет, Каетано Велозо, Роберт Плант, Ален Гинзберг, Арто Линзи, Дејвид Силвијан, гитаристот Марк Рибо се етаблира како великан на гитарата. Тој му помогна на Том Вејтс да го дефинира својот нов музички правец. Во тек на 35-годишната кариера Марк објави над 20 албуми под сопствено име, истражувајќи сѐ, од Алберт Ајлер со групата „Спиритуал јунитс“ па до кубанската музика на Арсенио Родригез со две одлично примени изданија. Последната смела авантура на Марк Рибо се „Млади филаделфијци“.

    Антони Џозеф е поет, писател, музичар и предавач роден на Тринидад, кој живее во Велика Британија, и ги спојува соул, фанк и карипските мелодии. Неговиот последен албум, „Карипски корени“ објавен во 2016 претставува бескомпромисно враќање кон корените. Со поддршка на бендот составен од музичари со карипско потекло, албумот се обидува да ги обедини различните острови во единствен ентитет без да разводнува ниедна индивидуална нишка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира