ВИОЛИНИСТКАТА ВАНЕСА МЕЈ ГО ОТВОРА ОХРИДСКО ЛЕТО, ТЕАТАРОТ СО ПОЧЕСТ ЗА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

    ВИОЛИНИСТКАТА ВАНЕСА МЕЈ ГО ОТВОРА ОХРИДСКО ЛЕТО, ТЕАТАРОТ СО ПОЧЕСТ ЗА ГОРАН СТЕФАНОВСКИНа 12 јули Ванеса Меј ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет под диригентство на Иван Кожухаров; - Од прес-конферецијата на директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ (Фото: СДК.МК)

    Прочуената британска виолинистка Ванеса Меј, на 12 јули ќе го отвори 59. издание на фестивалот Охридско лето со концерт во Античкиот театар. Меј ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет и под диригентство на Иван Кожухаров.

    Како што најави директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ, на речиси два месеци пред отворањето на фестивалот, со посветена и професионална работа се завршени подготовките во делот на програмата за 59. издание.

    „Со гордост можам да најавам дека нè очекува уште едно успешно Охридско лето, богата и квалитетна уметничка понуда со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат на фестивалската сцена каде ќе се слави врвната уметност. Покрај светските уметници, почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. Тука се и традиционалните вечери кои ги правиме во соработка со амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето и во црквата ‘Св. Софија’, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани“, најави Поповиќ.

    Селекторот на музичката програма Васо Ристов рече дека и годинава е предвидена квалитетна и атрактивна програма во текот на 40. фестивалски денови.

    „Ќе имаме уметници од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји. Би ги издвоил еден од најпознатите виолончелисти на светската сцена, Русинот Денис Шаповалов, неповторливата сопранистка Инва Мула од Албанија која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, тука е пијано-дуото Гелебешеви, познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот Дорицо од Италија, гудачкиот квартет Асасело од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск, Русија. Посебно уметничко доживување за публиката ќе приредат извонредните словенечки уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек. Годинава во обемната програма со врвни уметници ја имаме и албанската флејтистка Јонела Големи, руската пијанистка Виолета Егорова, а концерт на фестивалот ќе одржи и нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Александер Гаџиев”, најави Ристов.

    Теaтарскиот дел, како што рече селекторот на драмската програма Александар Поповски во своето видео-обраќање, годинава ќе биде посветен на човекот којшто е заслужен за генераци и генерации театарски уметници, драмскиот писател и драматург, покојниот Горан Стефановски.

    „За него Охридско лето беше нешто посебно, Охрид беше нешто посебно, и мислам дека треба да најдеме начин, и уште барам вистински начин, како да му се оддолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас”, рече Поповски.

    Тој најави дека годинава програмата ќе донесе театарски претстави од Словенија, Хрватска, Казахстан, Турција, Португалија, Србија, како и драмски проекти од домашна продукција.

    „Отворањето на драмскиот дел ќе биде со претставата ‘Самрак на Боговите’ според оној филм на Висконти, што сите добро го познаваме. Доаѓаат СНГ Драма Марибор, претстава којашто веќе гостува на неколку фестивали, и којашто на фестивалот во Ниш ги освои сите награди. Затварањето е со Народниот театар од Белград со ‘Иванов’ од Антон Павлович Чехов, каде што ќе можеме да го видиме во главна улога нашиот Никола Ристановски”, рече Поповски.

    Новина годинава ќе биде и воведувањето туристички водич за уметниците кои ќе учествуваат на фестивалот и ќе се запознаат со културното наследство, но и историските знаменитости на Охрид.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира