ВИСИ ОДРЖУВАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ „СТОБИ“, РАЦИНОВИТЕ СРЕДБИ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ СО СКРОМЕН БУЏЕТ

    ВИСИ ОДРЖУВАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ „СТОБИ“, РАЦИНОВИТЕ СРЕДБИ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ СО СКРОМЕН БУЏЕТГрадоначалникот Коцевски вели дека е неизвесно дека ќе се одржи 18-то издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“ кој заедно со сличен во Албанија се единствени на оваа тема на Балканот

    Трите значајни манифестации за Велес: Фестивалот на античка драма „Стоби“, Рациновите средни и Фолклорниот фестивал „Велес“ останаа без средства и во ревидираната финална распределба на средства на Министерството за култура.

    Министерството не додели ниту денар за Фестивалот „Стоби“ и „Велес“, додека Рациновите средби добија 105 илјади денари. Локалната власт, која беше нивен организатор, е во сериозна ситуација, како да се организираат манифестациите за кои таа има одобрено средства, но во мал обем, недоволни за одржување.

    „Имам неформални ветувања дека за Рациновите средби ќе се одобрат дополнителни 500 илјади денари по други основи. Ако Рацин е еден од основоположниците на современата македонска поезија, не е добро што државата праќа погрешна порака за значењето на Коста Солев Рацин. Со распределбата на средствата излегува дека поважни од Рациновите средби се низа манифестации, дел со сомнителни културни и уметнички вредности“, вели градоначалникот Аце Коцевски.

    Годинава треба да се одржат 56. Рацинови средби, кои имаа и балкански карактер со учество на поети од регионот. Затоа пак е неизвесно дека ќе се одржи 18-то издание на „Стоби“ кој заедно со сличен во Албанија се единствени на оваа тема на Балканот.

    „Од Министерството за култура ми беше ветено дека при втората распределба овој фестивал ќе добие средства, тоа не се случи. Ниту пак Велешки театар доби средства за претстава која ќе се игра на антички текст. Се плашам дека ако не добиеме средства дополнително, Фестивалот нема да се одржи и годинава ќе паузира. Фолклорниот фестивал иако не доби ниту денар, секако ќе се одржи. Ќе бараме помош од бизнис заедницата, бидејќи тој е е најпосетена манифестација во градот“, додаде Коцевски.

    Програмата првично беше објавена на 8 февруари, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев поништи еден дел од програмата, и заедно со министерот за култура Асаф Адеми дадоа дополнителeн рок на одбиените проекти да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.

    Стручните комисии по одделни дејности од 12 февруари почнаа со повторно разгледување на сите одбиени апликации на конкурсот за Годишната програма. Новите ревидирани резулати беа објавени на 12 март.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира