ВНАТРЕШНА РЕВИЗИЈА ВО МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА ИСТРАЖУВА ЗОШТО ЛЕТОВО СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ СУМИТЕ ВО НЕКОИ ДЕЈНОСТИ И СЕ ПРИФАТИЛЕ ОДБИЕНИ ПРОЕКТИ, РЕЧЕ СТЕФОСКА

    ВНАТРЕШНА РЕВИЗИЈА ВО МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА ИСТРАЖУВА ЗОШТО ЛЕТОВО СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ СУМИТЕ ВО НЕКОИ ДЕЈНОСТИ И СЕ ПРИФАТИЛЕ ОДБИЕНИ ПРОЕКТИ, РЕЧЕ СТЕФОСКА„Веднаш го екипиравме одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Поради тоа исплатите се забавени“, рече денеска министерката Ирена Стефоска на прес-конференција во Владата. (Фото: Министерство за култура)

    Исплатата на проектите во културата е забавена, затоа што внатрешна ревизија во Министерството за култура испитуваше зошто во јуни и јули се склучувале анекси на договори за зголемување на сумите во одредени дејности и се прифаќале проекти по жалба кои претходно биле одбиени, рече денеска министерката за култура Ирена Стефоска, на прес-конференција во Владата презентирајќи го Предлог-буџетот за 2021 година.

    Стефоска е на функција неполни 3 месеци, претходно министер беше Хусни Исмаили.

    „Свесни сме дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната. Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека Буџетот за 2020 длабоко стапнал на ‘чергата’ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 % и втората, затоа што во јуни и јули се потпишувале анексите“, рече министерката, додавајќи дека штом дошла на функцијата, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството кој се прелевал од година во година.

    „Веднаш го екипиравме Одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Поради тоа исплатите се забавени. За да не ја доведеме културата во иста ‘стапица’, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017, во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, кажа министерката.

    Предлог-буџетот за 2021 за културата изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање на проекти од национален интерес во културата во 2021  изнесуваат 970.100.000 денари.

    Предлог-буџетот за култура во однос на целиот Буџет на Република Северна Македонија е 1,23 проценти, а во однос на Буџетот за 2020 година е намален за 10.000.000 денари.

    „Успеавме, и покрај тешката економска ситуација, да имаме приближно ист буџет како минатата година. Скратени се средствата за културата, но тие се скратени во сите министерства, бидејќи во овој момент се соочуваме со здравствен предизвик чие побрзо надминување е во интерес на сите граѓани. Ние сега мора да преживееме за потоа да можеме да живееме. Во изминатиов период од коронакризата, ресорот култура извлече повеќе искуства, кои уверена сум ќе ни помогнат и догодина успешно да се справуваме со реалноста и да креираме содржини, кои според протоколите ќе ни овозможат континуитет“, рече  Стефоска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира