ВО ПРЕГОВОРИ СМЕ ЗА ПРОСТОР ЗА РАБОТА НА ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ, ВЕЛИ ЉУТКОВ, КАНЦЕЛАРИИТЕ ПОД ОПЕРАТА УШТЕ НЕ СЕ ГОТОВИ

    ВО ПРЕГОВОРИ СМЕ ЗА ПРОСТОР ЗА РАБОТА НА ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ, ВЕЛИ ЉУТКОВ, КАНЦЕЛАРИИТЕ ПОД ОПЕРАТА УШТЕ НЕ СЕ ГОТОВИОд претходната Влада на 14 март 2024, како траен дом Џез-оркестарот ги доби просториите од околу 500 квадратни метри под Националната опера и балет (НОБ). (Фото: К. Попов)

    Во преговори сме за еден простор кој би бил феноменален за работата на Националниот џез-оркестар (НЏО), вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков, додавајќи дека повеќе детали ќе каже следниот месец.

    Од претходната Влада на 14 март 2024, Џез-оркестарот како траен дом ги доби просториите под Националната опера и балет (НОБ) од околу 500 квадратни метри, каде ќе има простории за работа на оркестарот, простории за проби, магацин за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија. Проектот е вреден 10 милиони денари (над 160.000 евра).

    На минатонеделниот брифинг со Љутков, го прашавме министерот до каде е постапката со просториите, а тој одговори:

    „Таму вложивме доволно средства, но мораше прво да се покрие горниот дел кој е над платото, да го заштитиме пред да влеземе внатре. Сега обезбедивме дополнителни средства, ќе се заврши и тоа, но јас би ве замолил за многу кратко време, се надевам до септември, ќе зборуваме за една тема за која уште сме во преговори. Ќе видиме за еден простор, освен канцелариите, кој би бил феноменален за работата, но не само за работа туку и за некои други ситуации. Ова е само привремено, но секако ќе им треба нешто повеќе да завршат преговорите“, ни рече министерот.

    Лани во јули, од Министерството за култура рекоа дека Националниот џез-оркестар сѐ уште не може да се всели во просториите бидејќи протекувало платото над просторот и треба да се санира.

    „Поради утврдено протекување од платото над просторот наменет за потребите на Национална установа (НУ) Џез-оркестар, во тек е процедура за објавување на јавна набавка за санација на платото како би се обезбедиле услови за понатамошно опремување на просторот наменет за потребите на НУ Џез-оркестар. Без оваа интервенција не може да се продолжи со преостанатите позиции предвидени со проектот за реконструкција и адаптација на просторот“, ни рекоа пред една година од Министерството на нашето прашање до каде е реконструкцијата на просторот.

    Националниот џез-оркестар беше формиран во март 2023. Нема своја сала, па концертите, кои се секогаш распродадени, ги одржува во Филхармонијата и Македонскиот народен театар (МНТ).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира