„ВРБА“ Е МЕЃУ ТОП ФИЛМОВИ НА ГОДИНАТА, МАНЧЕВСКИ СПОРЕДЕН СО БЕРГМАН ВО РЕЦЕНЗИИТЕ ПО СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА

    „ВРБА“ Е МЕЃУ ТОП ФИЛМОВИ НА ГОДИНАТА, МАНЧЕВСКИ СПОРЕДЕН СО БЕРГМАН ВО РЕЦЕНЗИИТЕ ПО СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРАКритиката е едногласна дека Манчевски е мајстор на филмот, а „Врба“ е раскошен и комплексен; - Сара Климоска во сцена од филмот. (Фото: Продукција „Врба“)

    Режисерот Милчо Манчевски е спореден со Бергман, а „Врба“ се смета за еден од најинтересните филмови на 2019, во одгласите на критиката по светската премиера на 14. Филмски фестивал во Рим изминатиов викенд. Критиката е едногласна дека Манчевски е мајстор на филмот, а „Врба“ е раскошен и комплексен.

    „Величествена македонска филмска приказна, која се појавува моќно, драматичен еп за три македонски жени и нивната желба за семејна љубов. Делото на Манчевски е многу покомплексно одошто може да се замисли. Наратив кој – благодарение на неговата необична природа и развивањето на темите – е набиен со значење и религиозен/мистичен подтекст што на „Врба“ ѝ дава вкус на одамна поминати времиња на половина пат меѓу Бергман и Тар, бајка што боли на половина пат меѓу минатото и сегашноста. Режија што станува интимна и прецизна. Митолошки наратив меѓу бајката и сировиот реализам, со Љубовта како единствено решение за древните проклетства. Приказна која длабока го почитува животот и оние кои што се дел од него, силни жени и кревки мажи. Едно од оние дела кои е невозможно да минат незабележано, еден од најинтересните филмови на Римскиот фестивал и воопшто на 2019“, вели италијанскиот Чинематографе (Chinematographe).

    Осбуримувис (Asburymovies) смета дека режисерскиот поглед на Манчевски е поуниверзален и посеопфатен.

    „Филмот на Манчевски го истакнува различниот начин на соочување со болката на трите жени. Наликува како да трите женски ликови се фази, еволуции на единствен женски лик кој минува низ катарза. Согласно неговиот начин на раскажување во слики, Манчевски во „Врба“ не оди во контемплација или естетско китење, напротив, ги потопува трите приказни во секојдневниот живот, буквално ги мие со кал, дожд и крв. Милчо Манчевски се враќа, неговиот поглед станал поуниверзален и посѐопфатен“.

    „Tри приказни мајсторски поврзани“, вели ЊузЧинечита (NewsCinecitta), а Сентиериселваџи (Sentieriselvaggi) вели „Враќање на Милчо Манчевски, мајсторот на филмот“.

    Европскиот филмски портал Синеуропа (Cineuropa) го дефинира филмот како раскошен и комплексно комичен:

    „Манчевски, мајсторски ги вткајува во едно нишките на трите приказни, со повторување на мотиви и мали ишарети, кои гледачот може да ги толкува како што милува. Визуелно ова е раскошен филм… комплексно комичен.“

    За Синефилос (Cinefilos) „Врба“ е „Визуелно фасцинантен… емоционално трогателен“:

    „Трогателен портрет што нурнува во коренот на копнежот да се биде мајка, истакнувајќи значајна вистина, како во тематски сличниот филм ‘Крадци‘ на јапонскиот режисер Хиракозу Коре-еда, добитникот на Златна Палма во Кан 2018. Иако се занимава со актуелни теми како вештачко оплодување, абортус, посвојување и сѐ друго што е поврзано со кревкиот свет на мајчинството, филмот го дарува задоволството да не суди за ништо од ова. Напротив“.Летербоксд (Letterboxd) смета дека суштината на филмот се содржи во насловот и во прашањето што се поставува во даден момент: како да се љуби?

    „Дело кое не е директно и кое се сталожува по гледањето, речиси присилувајќи го гледачот да се наврати на некои делови за да го спознае длабокото значење“, вели Летербоксд.

    Римскиот весник Ил Манифесто вели: „Магична визија на минатото чии фрагменти остануваат вплетени во сегашноста. Експертско фотографско око, но уште повеќе занос за неговата татковина. И во планинските широчини до кај што допира погледот и во такси во Скопје останува сомнежот за проколнатоста“.

    Албанската телевизија Орањуз вели дека „Врба“ беше добро примен од италијанските критичари, кои го сметаат за една од најфасцинантните филмски продукции на Римскиот филмски фестивал, а авторката и критичарка Симона Нобиле заклучува:

    „Каков величествен камбек! ‘Врба’ на Милчо Манчевски. Пасторална, митолошка и современа размисла за застрашувачката потреба да се биде мајка или татко. Очајничка, трагикомична бајка. Исклучителна режија и глума“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира