За да се напише книга за „Мизар“ потребно е да се ислушаат приказните на десетици луѓе кои поминале низ групата, вели музичкиот новинар и хроничар Тошо Филиповски, кој синоќа го промовираше своето најново капитално дело.
„Мизар – Откровенија 1981-2021“ е прва монографија за еден македонски рок бенд, во која на 333 страници е даден детален приказ на историјата на една од највлијателните и најзначајни домашни музички групи. Промоцијата се одржа во кафе барот „Глуво куче“ во Скопје и се претвори во собир на музичари и култни ликови од зачетоците на македонската андерграунд сцена.
„‘Мизар‘ е моја лична фасцинација, љубов од детски денови, бенд со кој сум растел и созревал и кој ме направил подобра личност. Ова е мој начин да му се одолжам за тоа што го правел во четири децении постоење“, вели Филиповски.
Создавајќи ја книгата, тој добил пристап и до приватните архиви на музичарите, но и на луѓе од поранешна Југославија.
„Имам страст да собирам и собирам материјали цело време. Како бонус, во пресрет ми излегоа музичарите со нивните архиви, но и луѓе од поранешна Југославија кои биле фанови или соработувале со ‘Мизар‘. Членовите на групата соработуваа онолку колку што можеа. Од секого сакав да ја добијам неговата верзија на приказната, на крај ги сумирав сите тие приказни и правев реконструкција. Секој од нив зачувал по нешто, но тоа ни оддалеку не е комплетната нивна историја. Сепак, тоа се повеќе од 50 луѓе кои поминале низ групата и секој има некој свој личен значаен дел. Сето тоа требаше да се собере и обработи и да се стави во книга“, кажа Филиповски.
„Мизар – Откровенија 1981-2021“ е негова четврта книга за 46 месеци, по Македонска рок енциклопедија 1963-2018“ (2018), „Македонска дискографија-винили 1958-2019“ (2019) и „Македонски рок времеплов“ (2021).
Г. КОНЕВ