Академијата на наградите Цезар, најпрестижната филмска награда во Франција, соопшти дека на свеченото доделување ќе забранат влез на лица против кои има истраги по обвинувања за сексуално насилство. Свеченоста за доделувањето на француските Оскари е закажана за 25 февруари.
Организаторот стравува од протести за време на свеченоста, откако беше објавено дека ѕвездата во подем Софијан Бенасе бил испитуван од полицијата за две обвиненија за силувања и едно за насилство. Дваесет и петгодишниот Бенасе, кој ги негираше обвинувањата, важи за фаворит за наградите за улогата во филмот „Засекогаш млади“, за сексуално-промискуитетна група на студенти по драматургија во 1980-те.
Одлуката на Академијата следи откако во 2020 имаше протести по доделувањето на наградата за најдобар режисер на Роман Полански, кој во 1970-те е обвинет на силување малолетничка, по што следеше голема реорганизација на Академијата. Во соопштението на Академијата стои дека секој „кој се соочува со потенцијална затворска казна поради насилство, особено од сексуална или сексистичка природа, ќе биде исклучен од претстојната церемонија“.
„Одлучено е да не им се дава значeњe на лица кои се судриле со законите поради насилство, Овие чекори беа преземени од почит кон жртвите, дури и да се претпоставува дека биле жртви“, вели Академијата, додавајќи оти сѐ уште разговараат дали лица против кои има обвиненија треба воопшто да бидат номинирани за наградите.
Режисерката на филмот „Засекогаш млади“ Валерија Бруни-Тедески, која е сестра на Карла Бруни, сопруга на поранешниот француски претседател Никола Саркози, ги нарече обвинувањата кон Бенасе „медиумска хајка“.