ЗАДОВОЛНА СУМ ШТО НАПРАВИВ ВО ОВИЕ 25 ГОДИНИ, ИНАКУ СИТЕ ЖРТВИ БИ БИЛЕ ЗАЛУДНИ, ВЕЛИ ПРИМАБАЛЕРИНАТА МАРИЈА КИЧЕВСКА-ШОКАРОВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ГОСПОЃА БОВАРИ“

    ЗАДОВОЛНА СУМ ШТО НАПРАВИВ ВО ОВИЕ 25 ГОДИНИ, ИНАКУ СИТЕ ЖРТВИ БИ БИЛЕ ЗАЛУДНИ, ВЕЛИ ПРИМАБАЛЕРИНАТА МАРИЈА КИЧЕВСКА-ШОКАРОВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ГОСПОЃА БОВАРИ“„Улогата на Ема е нешто поразлично од сите улоги што сум ги толкувала досега и е интересно за мене и нормално убав предизвик“, вели Марија Кичевска-Шокаровска. (Фото: М. Угарковиќ)

    Примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, на 25 јуни во Националната опера и балет (НОБ) слави 25 години кариера со премиерата на балетот „Госпоѓа Бовари“ инспириран од романот на Гистав Флобер. За ликот на Ема Бовари, Кичевска-Шокаровска вели дека долго време размислувала што сака да содржи улогата што ќе ја избере за јубилејот.

    Направила листа на улоги што не се поставени на нашата сцена, но на сите им недостасувало нешто. Сакала да биде класичен балет во 2 чина, но улогата да има драмска тежина, насловот на претставата да го носи нејзиното име.

    „Не можевме да најдеме претстава што ги задоволува сите овие барања. Ремек-делото на Флобер ‘Госпоѓа Бовари’ е едно од највлијателните книги во историјата и Ема е улога по која може да се направи балет, која ги исполнува сите мои замисли. Тоа значеше да се креира нова претстава што е многу потешко. Улогата на Ема е нешто поразлично од сите улоги што сум ги толкувала досега и е интересно за мене и нормално убав предизвик. Можеби долго се мислев и бирав, но на крај, дефинитивно ‘Госпоѓа Бовари’ беше вистинскиот избор“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Кичевска-Шокаровска, која од неодамна е назначена за уметничка директорка на Балетот во НОБ.

    Вели дека кога ќе наврати 25 години назад, првото нешто што ѝпаѓа на памет се изиграните улоги, а со тоа се поврзани местата каде што вежбала и настапувала и луѓето кои ги запознала во тој процес.

    „А на секоја помисла за одредена улога, ме обзема различна енергија поврзана со неа и како да можам да го осетам истото чувство што сум го имала во тој период. Кога размислувам на целата кариера, многу сум среќна што е богата и долга. Бројот на претстави, улоги, гостувања, турнеи, натпревари, на сите тие прекрасни искуства. Важно е што сум задоволна со тоа што го направив и оставив позади себе, зашто во спротивно сите тие жртви и откажувања, таа огромна дисциплина што ја бара оваа професија би биле за ништо“, ни рече Кичевска-Шокаровска.

    На прашањето што си посакува на сцената во наредните години, примабалерината вели: „После 34 години балет, од кои 26 сезони како професионален балетски уметник, си посакувам секој иден момент кој ќе го поминам на сцена целосно да го уживам“.

    На премиерата ќе диригира Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата е на Виктор Ишчук од Украина, а музичката подлога е составена од дела на Сен-Санс, Равел,  Масне, Менделсон и Хендл.

    Сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина. Во останатите улоги ќе настапат Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и Oркестарот на Националната опера и балет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира