ЗАВОДОТ ЗА СТАТИСТИКА МУ СКРАТИ 10 ИЛЈАДИ ПОСЕТИТЕЛИ НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР

    ЗАВОДОТ ЗА СТАТИСТИКА МУ СКРАТИ 10 ИЛЈАДИ ПОСЕТИТЕЛИ НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАРОд Народниот театар од Битола велат дека од септември 2018 до јуни 2019 одиграле 160 претстави пред 19. 625 публика, а Заводот за статистика вели дека се изведени 127 претстави, а имало публика од 9.614 посетители. - Сцена од претставата „Коцкар“. (Фото: Народен театар Битола)

    Со различни податоци за посетеноста на Народниот театар од Битола излегоа матичната институција и Државниот завод за статистика. Според податоците од Заводот, објавени за сезоната септември 2018 – јуни 2019 година, се бележи голем пад на посетеноста на двата професионални театри од Битола, каде претставите ги погледнале 9.614 посетители, што е за над 60 проценти помалку од претходната сезона.

    Од Народниот театар од Битола велат дека се работи за грешка и дека во споменатата сезона имале повеќе од двојно гости од оние соопштени од Заводот, поточно само нивните претстави ги погледнале 19.625 гости.

    Во соопштението на Заводот за статистика не се точно наведени имињата на двата професионални театари за кои се однесува посетеноста од 9.614 посетители , со изведени 127 претстави, а во кои е наведено дека има 96 вработени. Претходната сезона, пак, претставите ги погледнале 25.000 гости. Со ваквиот пад театрите од Битола се не само зад скопските, туку и зад Велешкиот, Кумановскиот, Прилепскиот , Струмичкиот и Штипскиот театар. Зад двата битолски театари се само Охридскиот со 5.270 посетители и театарот во Тетово со 3.480 посетители.

    Од Народниот театар од Битола велат дека во сезоната од септември 2018 до јуни 2019 година одиграле 160 претстави пред 19. 625 публика.

    „Ова се релевантни податоци со кои располага и Министерството за култура. Посетеноста од 19.625 гости е за наши претстави без гостувања од други театари. Ако на ова се додадат и гостувања во нашиот театар за кои ние носиме публика, бројката е многу поголема. Не знаеме зошто е направена ваква грешка. Но, би напоменале дека кај нас никогаш сезоната не завршува во јуни туку дека интензивно работиме до крајот на јули, а со гостувања дури и до 10 август“, велат од Народниот театар од Битола.

    Во Битола, покрај Народниот театар, како професионален се јавува и Интимен театар на режисерската Софија Ристевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира