ЗЛАТЕН АЛЕКСАНДАР ВО СОЛУН ЗА „ИМАМ ЕЛЕКТРИЧНИ СОНИШТА“

    ЗЛАТЕН АЛЕКСАНДАР ВО СОЛУН ЗА „ИМАМ ЕЛЕКТРИЧНИ СОНИШТА“Наградите во трите селекции во Солун се и парични. (Фото: ТИФФ)

    „Имам електрични соништа“, дебито на костариканската режисерка Валентина Маурел, приказна за семејно насилство раскажана колоритно и речиси документарно низ турбулентната и комплексна врска на 16-годишна тинејџерка со татко ѝ, освои Златен Александар и парична награда од 10.000 евра за најдобар филм на 63. Филмски фестивал во Солун. Овој филм ја освои и наградата за најдобар актер за Реиналдо Амиен Гутиерез, а најдобра актерка е Рози Мекјуен за британската ЛГБТ драма „Блу Џин“ на Џорџа Окли.

    Сребрен Александар и 5.000 евра освои швајцарската драма „Парче небо“ на Михаел Кох, за човек во забито планинско село кој се бори со тумор на мозокот.

    Бронзен Александар и 3.000 евра за најдобра режија освои „План 75“, дебито на јапонската режисерка Чије Хајакава, кој е и годинашен јапонски кандидат за Оскар, сатирична драма за државен план за евтаназија на стари луѓе. Овој филм ја освoи и наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ.

    Во селекцијата Запознај ги соседите победи украинскиот „Клондајк“ на Марина Ер Горбач, а Сребрен Александар доби израелскиот „Валерија се мажи“ на Михал Виник.

    Специјална награда на жирито доби грчко-македонската копродукција „Зад стоговите сено“, деби на Асимина Проедру, и ова е најнаградуваниот филм на годинешното фестивалско издание – освои вкупно 5 награди меѓу кои и онаа на критиката. Македонски копродуценти на филмот кој се снимаше близу Дојран се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска од „Сектор филм“.

    Во селекцијата Филмско забрзување, каде во жирито беше и македонската режисерка Теона Стругар Митевска, победи швајцарскиот „Повлекување“ на Леон Швитер, а Сребрен Александар доби грчкиот „Копилиња“ на Никос Пастрас.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира