„Еами“ на режисерката Паз Енсина, поетско медитативен филм за судбината на домородното племе Ајорео-Тотобиегосоде во Парагвај чија заедница се уништува поради уништувањето на шумите, освои Златен тигар, највисоката награда на 51. фестивал во Ротердам, што носи и 40.000 евра. Специјалните награди на жирито во оваа конкуренција и 10.000 евра ги освоија хибридниот документарец „Неумереноста ќе нè спаси“ на Французинката Морган-Џурла Петит, и кинескиот „Повторно да љубиш“ на Гао Линјанг кој исто така ја доби и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ. Наградата во селекцијата Големо платно и 30.000 евра ја освои „Кунг фу Зохра“ на францускиот режисер Мабрук Ел Мехри.
„Едногласно бевме погодени од моќниот филм создаден од режисерката и тимот кој успева да изгради силен наратив кој не само што се одржува визуелно, туку и политички и поетски, осветлувајќи ги глобалните масакри на домородните племиња, преку крикот на парагвајското племе Ајорео-Тотобиегосоде. Овој филм ни даде можност да сонуваме и во исто време шанса да се разбудиме“, вели жирито за победникот „Еами“.
Еами значи шума на јазикот на Ајорео, а значи и свет. Домородците Ајорео-Тотобиегосоде не прават разлика: дрвјата, животните и растенијата што ги опкружувале со векови се сè што знаат. Тие сега живеат во област каде што се случува најбрзото уништување на шумите на планетава. Режисерката Енсина го снимала филмот во областа Чако откако ги истражила племенската митологија и ги документирала потресните приказни на луѓето избркани од нивната земја.
За хибридниот документарец „Неумереноста ќе нè спаси“, режисерката Петит се вратила во родното село на северот на Франција, да ја истражи чудната приказна – како неколку истрели создале локална хистерија дека е терористички напад, до толку што интервенирале најелитните единици на француската армија. Низ трагикомични епизоди од животот на нејзиното семејство, таа открива како популистичката десница со манипулации суптилно ги радикализира жителите.
Најнаградуваниот „Повторно да љубиш“ на Линјанг, низ приказната за една постара двојка која решава одново да се венча во масовна церемонија ги открива траумите од политичките пресврти во минатото кои се длабоко вкоренети во животите на луѓето.
Фестивалот годинава целосно одеше онлајн, а директорката Вања Калуѓерчиќ вели дека се неизмерно горди на широкиот дијапазон на конкуренцијата за Тигар.
„Едвај чекаме да ги споделиме овие извонредни филмови со нашата публика подоцна во текот на годината, на начинот за кој тие се наменети: на големото платно во присуство на филмаџиите“, рече Калуѓерчиќ.
Онлајн проекциите на фестивалот продолжуваат до 14 февруари.
М. КОСТОВА