ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА ФРАНЦУСКАТА ЛЕГЕНДА ПЈЕР ЛОМ

    ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА ФРАНЦУСКАТА ЛЕГЕНДА ПЈЕР ЛОМКинематограферот Пјер Лом, легенда на француската и европската кинематографија кој соработувал со сите големи филмски автори, е вториот годинашен лауреат на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола

    Големиот француски и светски кинематографер Пјер Лом е вториот лауреат на Златна камера 300 за животно дело на 38. фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола, соопшти директорот Благоја Куновски – Доре. Тој рече дека со доделувањето на Златнaта камера на овој кинематографер се заокружува Клубот на великани на „Браќа Манаки“.

    „Пјер Лом е легенда на француската и европската кинематографија, она што е најзначајно и карактеристично во опусот на овој кинематографер е што тој соработувал со значајни и големи омиња на француската кинематографија, а тој со својата вештина да се адаптира на сечиј стил беше еднакво успешен и во соработките со неколкумина странци, како што е на пример, американскиот режисер Џејмс Ајвори, со кого има снимено четири, многу важни филмови за неговото творештво. Во неговата 40-годишна кариера тој ги има снимено некои од ремек-делата на француската кинематографија, вклучувајќи го и филмот ‘Сирано де Бержерак’. За многумина почитувачи на филмот ова е ремек-дело. Според многу критичари, а и според мене креацијата на Лом и неговата соработка со режисерот Рапно во ‘Сирано де Бержерак’ навистина заслужува Оскар, но Американската филмска академија ја доделува ова награда на американските филмови. Сепак, тој ја доби својата сатисфакција со наградата на Европската филмска академија за најдобар кинематографер, потоа освои и Цезар“, рече Куновски и додаде дека Лом прифатил да дојде во Битола да ја прими наградата.

    Со доделувањето на Златнaта камера на Лом се заокружува Клубот на великани на „Браќа Манаки“, рече директорот на фестивалот Благоја Куновски – Доре

    Петчленото жири кое годинава ќе одлучува за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300 ќе го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка и актуелен претседател на ИМАГО, а членови се Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.

    Претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) Робер Насков рече дека сите недоразбирања и дилеми околу организацијата на фестивалот конечно се расчистени.

    „Сите обиди на одредена група луѓе да го преземат фестивалот се завршени. Фестивалот ‘Браќа Манаки’ останува кај тие што го основале, кај тие што организирале со децении – Друштвото на филмските професионалци. На моите колеги, филмските работници им честитам за едниственоста и успехот и на оваа извојувана правда и победа, фестивалот да се врати онаму каде што припаѓа“, рече Насков.

    Тој објави дека годинава наградата на ДФРМ Големата ѕвезда годинава оди кај „Вардар филм“.

    „Управниот одбор на Друштвото сметаше дека оваа институција која слави 70 години од своето основање, треба да биде наградена со оваа веќе традиционална награда и на тој начин, ние како филмски работници да се заблагодариме и да оддадеме почит на сите оние кои биле вработени во оваа најзначајна институција во развојот на македонскиот филм и сите што биле ангажирани и на тој начин преку оваа продуцентска куќа, придонеле за македонскиот филм“, рече Насков.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари