ЗЛАТНА МЕЧКА ЗА ИРАНСКИОТ „НЕ ПОСТОИ ЗЛО“ НА РАСУЛОФ, НА РЕЖИСЕРОТ МУ Е ЗАБРАНЕТО ДА ЈА НАПУШТА ЗЕМЈАТА

    ЗЛАТНА МЕЧКА ЗА ИРАНСКИОТ „НЕ ПОСТОИ ЗЛО“ НА РАСУЛОФ, НА РЕЖИСЕРОТ МУ Е ЗАБРАНЕТО ДА ЈА НАПУШТА ЗЕМЈАТА„Пресреќна сум за оваа награда, но во исто време и многу тажна бидејќи оваа му припаѓа на филмски уметник кој вечерва не можеше да биде тука“, рече Баран , ќерката на режисерот кој има забрана да ја напушта државата. (Фото: Ројтерс)

    Филмот кој ја критикува смртната казна во Иран, „Не постои зло“ на режисерот Мохамед Расулоф вечерва ја доби Златната мечка на 70. Берлинале. Режисерот не присуствуваше на церемонијата, бидејќи државните власти уште во 2017 му забранија да ја напушта земјата и да снима филмови.  Наградата ја прими неговата ќерка Баран, која глуми во филмот.

    „Пресреќна сум и многу радосна за оваа награда, но во исто време и многу тажна бидејќи  му припаѓа на филмски уметник кој вечерва не можеше да биде тука. Затоа во име на целиот тим ќе речам: ‘Ова е за него’“, рече таа на сцената.

    Сребрена мечка доби филмот „Никогаш ретко, понекогаш секогаш“ на Елиза Хитман, а Сребрена мечка за најдобар режисер доби Хонг Санг-Со од Јужна Кореја за филмот „Жената која трчаше“.

    Актерката од филмот на Кристијан Пецолд „Ундин“ , Германката Пола Бир е најдобра актерка, а филмот ја доби наградата на филмската критика ФИПРЕЦСИ. Сребрената мечка за најдобар актер ја доби Елио Германо за улогата во филмот „Скриен“ на Џорџо Дирити.

    Осумнаесет филмови беа во трка за престижната Златна мечка за која одлучуваше жирито на чело со британскиот оскаровец Џереми Ајронс.

    Mакедонија годинава беше дел од Берлиналето со „Малмкрог“, новиот филм на еден од најреномираните романски режисери Кристи Пују во кој македонски копродуцент е „Сестри и брат Митевски“. „Малмкрог“ е копродукција помеѓу Романија, Србија, Швајцарија, Шведска, Босна и Северна Македонија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари