ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА СО ПРЕМИЕРА НА „ПРОСЛАВА“ В ПЕТОК ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА СО ПРЕМИЕРА НА „ПРОСЛАВА“ В ПЕТОК ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРДрамата „Прослава“ од Дејвид Елдриџ е адаптација на филмското сценарио со истоимен наслов, чии автори се Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо. Хр. Хенсен за првиот догма филм снимен во 1998 година (Фото: Драмски театар)

    В петок во 20 часот во Драмски театар премиерно ќе се изведе претставата „Прослава“ од Дејвид Елдриџ, во режија на Зоја Бузалковска.

    Драмата „Прослава“ („Festen“) од Дејвид Елдриџ е адаптација на филмското сценарио со истоимен наслов, чии автори се Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо. Хр. Хенсен за првиот догма филм снимен во 1998 година. Револуционерното движење Догма 95 е основано од од режисерите Ларс фон Трир и Томас Винтерберг, а „Спроти брановите“ на Фон Трир и „Прослава“ на Винтерберг се сметаат за највпечатливите преставници на ова движење.

    Драмскиот текст е напишан и праизведен во театарот „Алмеида“ во Лондон во 2004 година, a во Македонија за првпат ќе се изведе в петок.

    Директорката на Драмски, Викторија Рангелова денес на прес-конференцијата рече дека жанровски претставата може да се смести во современа трагедија.

    Сцена од претставата „Прослава“, чија премиера е закажана за петок (Фото: Драмски театар)

    Бузалковска вели дека дека „Прослава“ е драма која се занимава со „расчистување со хипокризијата на ‘здравото’, ‘големо’ патријархално семејство, преку следење на настаните на една семејна прослава во која се одбележува шеесеттиот роденден на таткото Хелге. Прославата се одвива во мрачната сенка на самоубиството на една од ќерките на Хелге, близначка со неговиот постар син, Кристијан, настан кој се случил неодамна“.

    „Во современата драматургија е навистина тешко да се најде драма која длаби по меѓучовечките односи по теркот на големите автори како Чехов, Ибзен или Стриндберг. Во оваа драма, секој од ликовите има свој простор, свој свет, свој удел во конфликтот и свој однос кон разрешувањето на проблемот што се третира. Претставата ‘Фестен’ се обидува да го следи ваквиот ракопис и да го зголеми влогот, но истовремено и да го доближи јазикот на театарот до филмскиот јазик на догма“, вели режисерката.

    Играат: Александар Степанулески, Дејан Лилиќ, Соња Стамболџиоска, Диме Илиев, Лилјана Велјанова, Емилија Мицевска, Димитрија Доксевски, Лазе Манасковски, Ѓорги Тодоровски, Тамара Ристоска, Предраг Павловски, Златко Митрески, Дениз Абдула и Анастасија Аневска.

    Сценографијата е на Тодор Дајевски и на Бузалковска, костимите се на Марија Пупучевска, за звучните ефекти е задолжен Павле Игновски, а на сценските борби работел Дарко Вељиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира