„ЗОКИ ПОКИ“ ЌЕ ОДГОВАРА НА ДЕНЕШНОТО ВРЕМЕ, НО ЌЕ ГИ ЗАЧУВА ВРЕДНОСТИТЕ – ПОЧНА СНИМАЊЕТО НА ТВ-СЕРИЈАТА ЗА ДЕЦА

    „ЗОКИ ПОКИ“ ЌЕ ОДГОВАРА НА ДЕНЕШНОТО ВРЕМЕ, НО ЌЕ ГИ ЗАЧУВА ВРЕДНОСТИТЕ – ПОЧНА СНИМАЊЕТО НА ТВ-СЕРИЈАТА ЗА ДЕЦАСнимањето на серијата според истоимената култна книга на Оливера Николова, почна викендов во основно училиште „Петар Поп-Арсов“ (Фото: Д. Николовска)

    Продукцијата „Кино око“ почна со снимање на ТВ-серијата за деца „Зоки Поки“, според истоимената книга на Оливера Николова, омилено и култно дело на многу генерации. Снимањето почна викендов во основното училиште „Петар Поп-Арсов“ во скопската населба Карпош, а ќе тре до 13 септември на повеќе локации низ Скопје.

    Режисер на серијалот е Александар Поповски, а десетте епизоди ќе ги режираат и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Главен продуцент е Роберт Насков. Адаптацијата на серијата ја работеа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

    Поповски верува дека спојот на она што неговата генерација го наследи од генерацијата на неговите родители ќе успеат да го пренесат на сегашните деца.

    Од „Кино око“ велат дека кастингот за новите детски ѕвезди се одржа во мај и се пријавиле повеќе од 200 кандидати за улогата на Зоки Поки и неговата дружина (Фото: Д. Николовска)

    „Зоки Поки покрај забавен карактер носи и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма”, вели Поповски.

    „Недостатокот од ТВ-содржина за деца нѐ наведе на идеја за екранизација на најпознатата и најомилена книга за деца. За жал, од оваа култна книга досега не е направена квалитетна ТВ-екранизација. Сметавме дека токму книгата ‘Зоки Поки’ е добра основа која може да се адаптира според интересот на денешните деца, нивниот начин на комуникација и дружење. Досега не сум работел на проект кој толку позитивно е примен од јавноста. Верувам дека ќе ги оправдаме очекувањата на децата. Се надевам дека оваа серија ќе покрене и продукција на останати содржини за деца. Драго ми е што Агенцијата за филм ја сфати потребата за финансирање ваков тип на ТВ серија и го одобри овој проект“, вели продуцентот Насков за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Серијата почна да се снима изминатиов викенд викенд (Фото: Д. Николовска)

    Од „Кино око“ велат дека кастингот за новите детски ѕвезди се одржа во мај и се пријавиле повеќе од 200 кандидати за улогата на Зоки Поки и неговата дружина. Од продукцијата додаваат дека имале тежок предизвик пред себе, но на крај се задоволни од направениот избор, а дополнително ќе информираат за актерите кои ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки и сите останати ликови.

    „Денешниот Зоки Поки ќе биде соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со верба дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат“, велат од „Кино око“.

    „Зоки Поки“ е прв заеднички проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов“ во 2013. Последен ТВ-проект на Насков и „Кино око“ е ТВ-серијата „На терапија“, која е првата македонска ТВ-серија снимена според странска лиценца.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира