Калифорниска двојка е обвинета за мачење, откако полицијата спаси 13 прегладнети деца од куќа, во којашто некои од нив биле врзани со синџири за кревети.
Полицијата дошла до шокантното откритие, откако 17-годишна девојка успеала да избега од куќата во Перис, 115 километри источно од Лос Анџелес, по што се јавила од мобилен телефон што го зела со себе.
„Полицијата во куќата пронајде она што мислеше дека се 12 деца, но се шокираше кога сфати дека седум од нив, всушност, се возрасни. Жртвите изгледаа многу прегладнето и валкано. Спасените се на возраст од две до 29 години“, соопшти полицијата на округот Риверсајд.
Девојката, за којашто во прв момент се мислело дека има десет години, ја контактирала полицијата, откако во неделата избегала од куќата на луѓе, за кои соседите велат дека живееле целосно изолирано од околината.
Родителите Дејвид Ален Турпин (57) и Луиз Ана Турпин (49) се уапсени и против секој од нив се покренати девет обвиненија за мачење и десет за загрозување на дете. Тие се задржани во притвор со кауција од девет милиони долари.
Соседите на Турпин изјавија дека нивните деца ретко можеле да се видат надвор од куќата.
„Последен пат видов четири од децата во октомври. Поминав покрај нив без да ме поздрават. Тие изгледаа многу, многу уплашено, како никогаш да не виделе луѓе“, кажа Венди Мартинес.
Полицијата кажа дека шест од децата се малолетни.