143-777 НА ТЕЛЕКОМ И 143-502 НА ВИП СЕ БРОЕВИ ЗА ДОНАЦИИ ЗА АТИЏЕ И ДЕЦАТА ОД „МЕДЕНА ЗЕМЈА“, ПОБЕДНИКОТ НА САНДЕНС

    143-777 НА ТЕЛЕКОМ И 143-502 НА ВИП СЕ БРОЕВИ ЗА ДОНАЦИИ ЗА АТИЏЕ И ДЕЦАТА ОД „МЕДЕНА ЗЕМЈА“, ПОБЕДНИКОТ НА САНДЕНСРежисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут со Аиџе и Гамзе, протагонистите на „Медена земја“ на една од трите затворени проекции во Скопје изминатава недела (Фото: М. Аргакијева)

    Продукцијата на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска организира донаторска кампања за помош на протагонистите во филмот Атиџе и номадското сточарско семејство на Хусеин и Љутвие со 8 деца. Телефонскиот број за донации преку Телеком е 143-777, а од ВИП 143-502. Исто така, на официјалната веб-страница на филмот honeyland.earth е поставен линк, каде со нарачка на мед се донира за нив. Со парите ќе се помогне да се изгради куќа за Атиџе и да се обезбеди школување за децата.

    Пораката на Атиџе: „Земи половина од медот, но остави ја другата половина за пчелите“ е во срцевината на актуелната донаторска кампања (Фото: М. Аргакијева )

    Филмот на 3 февруари освои три награди на фестивалот Санденс во САД, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов, како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

    Изминатава недела, филмот имаше три затворени проекции во Скопје, пред македонската премиера што ќе биде во август на фестивалот Македокс. „Медена земја“ ќе игра на редовниот кино репертоар низ земјава наесен, најави продукцијата. На затворените проекции гости беа и Атиџе и две од децата на Хусеин и Љутвие.

    „Медена земја“ е за фасцинантниот живот на Атиџе, последната пчеларка што одгледува диви пчели во Европа, која живеела сама со мајка си во во напуштеното cело Бекирлија во jугозападнo Овче Поле. Мудрата порака на Атиџе: „Земи половина од медот, но остави ја другата половина за пчелите“ е во срцевината на актуелната донаторска кампања.

    Продуцентот Георгиев вели дека 85-годишната мајка на Атиџе починала додека се снимал филмот, и оти е неверојатна животна коинциденција што по неколку години, на истиот ден се роди осмото дете на фамилијата Хусеин и Љутвие и филмот премиерно се прикажа на Санденс. Продукцијата на филмот сега и помага на Атиџе да изгради куќа во селото Дорфулија, Велешко, каде живее и семејството на Хусеин, а разговарале и со социјален работник да обезбедат школување за децата.

    Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и продуцентот Атанас Георгиев со протагонистите на „Медена земја“ Атиџе и Гамзе (Фото: М. Аргакијева)

    „Тие би биле среќни да ве запознаат, но тие се во Медената земја, далечно, далечно место, каде сешто се случува и ништо не е сигурно, дури ни проток на вода во летниот период, ниту топол оброк во студените зимски ноќи. Можете да им помогнете на овие осум деца Мустафа, Музафер, Вели, Али, Алит, Гамзе, Љутвиш и најмалото. Но, тоа мора да биде преку трансакција, со оглед на тоа дека се деца. Можете да купите од најубавиот мед од Медената земја и тие ќе ги добијат парите. Испратете ни барање за тегла со 25 грама мед и ние лично ќе се потрудиме и вие и децата да го добиете тоа што ви следува. Парите од вашата добра волја се наменети за фонд за школување на децата“, стои на веб-страницата.

    Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

    По премиерата на „Санденс“ на 28 јануари и затворените проекции во Скопје, документарецот го очекуваат азиска и официјална европска премиера. На 28 март македонскиот филм ќе биде прикажан на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Хонгконг. На 3 април филмот ќе се прикажува во престижниот Музеј на модерна уметност (МоМА) во Њујорк. На 8 април ќе ја има и официјална европска премиера на Филмскиот фестивал во Нион, Швајцарија, а на 9 април е закажана проекција на отворањето на фестивалот „Магнифисент 7“ во Белград. На 13 април следува гостување во Лондон, во Институтот за современи уметности (ИЦА).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира