17 ГОДИНИ СЕДУМ ПОКОЛЕНИЈА НА СРНДАЦИТЕ СЕ СОБИРААТ ОД ЦЕЛ СВЕТ ВО ЧЕСТ НА СВОИТЕ ПРЕДЦИ

    17 ГОДИНИ СЕДУМ ПОКОЛЕНИЈА НА СРНДАЦИТЕ СЕ СОБИРААТ ОД ЦЕЛ СВЕТ ВО ЧЕСТ НА СВОИТЕ ПРЕДЦИФамилијата изработила и свое семејно знаме на кое го пишува прекарот Срндаци. (Фото: СДК.МК)

    Во селото Кнежево деновиве се собраа околу 35 потомци на фамилијата со прекар Срндаци (срндак е мажјак од срна), кои се околу 1.000 и се распрскани низ цел свет. Фамилијата Срндаци го носи прекарот од Мите Николов-Срндак,  кој живеел во селото Кнежево во првите години од минатиот век и имал 12 деца. Пред неколку години, починал неговиот последен син Киме откако го прославил стотиот роденден. Долговечни биле и неговите браќа и сестри кои сега не се живи, но сите имаат седмо поколение.

    Мите Николов бил единствениот човек во Кнежевскиот крај кој можел да ги собира срните околу себе без тие да бегаат. Како да го знаел нивниот јазик. Ги хранел и секојдевно бил во друштво со срните кои биле многубројни во тоа време. Па така, оваа фамилија го добила прекарот Срндаци.

    Срндаците најмногу ги има во Македонија, во Скопје, Кратово, Велес, Штип. Дел од нив пред 17 години започнаа една невобичаена традиција да се собираат во Кнежево првата сабота и недела во јуни по завршувањето на учебната година, за да може на средбата да присуствуваат и помладите членови на фамилијата.

    Лани, поради пандемијата со коронвирусот се собрале само неколкумина.

    Срндаците се надеваат наредната средба во јуни да биде помасовна, а пред почетокот на учебната година пак ќе се соберат во Кнежево. (Фото: СДК.МК)

    Се шетаат низ шумата, по пространите ливади ги посетуваат селата Мало и Големо Гарје, Кнежево и другите села околу изградената истоимена брана. Од браната до нивните села води стрмен и тесен шумски пат кој може да се минува само пеш. А горе, каде што завршува шумата, наеднаш прекрасна глетка, куќа на едниот планински превој, куќа на спротивната планинска ливада. Секоја куќа посебно маало, а сите заедно една фамилија Срндаци.

    Нема крај на разговорот кој каде е, колку деца имаат, дали се мажени, женети имаат ли тие деца како седмо поколение. Евоцираат и спомени.

    „Поделениот имот не смеете да го продавате. Поколенија, поколенија ќе се сладат на оваа природна убавина. Еден ден Кнежево ќе биде многу познато место. Овде ќе доаѓаат јабанџии, но имотот да не го давате. Претскажувањата на главата на Срндаците се оствариле со изградбата на браната која се наоѓа неколку километри подолу од овие планински села“, вели Димче Николов, кој се присетува на приказните на неговиот дедо.

    Срндаците се надеваат наредната средба во јуни да биде помасовна, а пред почетокот на учебната година пак ќе се соберат во Кнежево, во знак на поддршка на нивниот кум дедо Љубе од село Којково, кој имаше долгодишен судски процес откако натрапници во 2013 му влегле дома и го нападнале него и сопругата, па тој морал да се брани.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира