25 ГОДИНИ РАБОТА ВО 8 КНИГИ ПОДГОТВИ НЕВРОПСИХИЈАТАРОТ Д-Р ЧЕПРЕГАНОВ ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИТЕ КОРОНА ЧАСОВИ

    25 ГОДИНИ РАБОТА ВО 8 КНИГИ ПОДГОТВИ НЕВРОПСИХИЈАТАРОТ Д-Р ЧЕПРЕГАНОВ ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИТЕ КОРОНА ЧАСОВИ„Јас сум дел од енциклопедиска француска група и секој ден ме хранат, јас тој труд го ставам внатре, да не излезе дека за 4 месеци напишав 8 книги. Ова се книги 25 години пишувани, сега само имав време и можев да ги исфиниширам“, вели д-р Чепреганов. (Фото: К. Попов)

    Невропсихијаторот-епилептолог проф. д-р Методи Чепреганов периодот со рестриктивни мерки на движење изминативе месеци поради пандемијата на коронавирусот го искористи за да ги собере 25-те години работа во осум книги. Со тоа, вкупно во својата децениска работа, 84-годишниот македонски и светски признат експерт за болести на мозокот има објавено 47 книги.

    Станува збор за книгите „Бела маса“, „’Рбетен мозок (клинички синдроми и неуроимејцинг дијагностика)“, „Исхемии во мозокот“, „Венозни мозочни тромбози“, „Медуларни васкуларни акциденти“ , „Кортикални малформации и факоматози“ „Мозочни хеморагии“ и Персоналната биографија, која ја издала Народната библиотека од Штип.

    „Во Франција научив три работи, прво и основно е да се научите да бидете одговорни, втората работа е консултација, а трето е дека пред завршувањето на работното време секогаш ги групиравме пациентите по групи на болести, за утре ако ти треба мултиплекс склероза, тумори, мозочни крварења, мозочни исхемии, си ги имаш по групи, само ќе си ја отвориш и ќе си ги напишеш. Тој принцип јас го задржав овде 25 години, и во мојот компјутер имам 80 илјади пациенти, кои секој ден си ги групирав по природата на болеста. Јас сум дел од енциклопедиска француска група и секој ден ме хранат, јас тој труд го ставам внатре, да не излезе дека за 4 месеци напишав 8 книги. Ова се книги 25 години пишувани, сега само имав време и можев да ги исфиниширам“, вели д-р Чепреганов за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Во книгата „Кортикални малформации и факоматози“ има многу совети, како дека за време на бременост е забрането мајката да зема какви било лекови. (Фото: К. Попов)

    Сите книги се од исклучително значење, со најнови методи, и совети, а меѓу нив професорот ја издвојува и книгата „Кортикални малформации и факоматози“.

    „Носењето на едно дете бара многу предуслови од мајката. Секое земање на лекови за време на бременост може да има реперкусии да се појават пореметувања во развитокот на мозокот и на мозочните структури на детето. Ние тие ги викаме кортикални малформации, мозочни малформаци. Паѓање, крварења, земање на лекови, температури, тепање, удирање по стомак. Има многу моменти кои мајката може  да ги доживее за време на бременост, а кои оставаат реперкусии на плодот-кортикална малформација. Страда неговата исхрана и остава последици на мозокот. Во оваа книга има многу совети и затоа сакам да потенцирам дека за време на бременост забрането е мајката да зема какви било лекови. Забрането е. Оосбено антибиотици. Најчесто, промените на кората на мозокот настануваат од антибиотици и тоа само два три дена да се пијат. За алкохол и дрога да не зборам“, кажа д-р Чепреганов.

    Невропсихијаторот вели дека белата маса е врската меѓу кората на мозокот и надворешниот свет.

    „Белата маса се автопатиштата на нашиот организам. Многу осетлива, затоа што секоја дупкичка на автопатот ќе ја намали брзината на кондукцијата. На пример, кога лицето има Алцхајмер, јас ја гледам одма, во белата маса има бели точки кои се многубројни и тоа значи дека автопатот е забавен. Ова е многу важна и ретка книга вака насловена. Сите пишуваат за бела маса, ама во рамки на енциклопедии на учебници, ова е книга посветена само на белата маса“, вели докторот.

    На сличен начин е обработен и ‘рбетниот мозок, сѐ што постои од анатомија, болести, третман, дијагностика.

    Д-р Чепреганов објавил над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на неврологијата и епилептологијата. (Фото: К. Попов)

    „Тука е и книгата за венозните мозочни тромбози – тромбоза, инфаркт, не на артертиите, туку на вените, тоа е друг циркулаторен систем и многу важно. Се јавуваат многу често кај жени кои земаат контрацептивни средства. Многу опасна работа, ако се зема без контрола, може да направи тромбоза во мозокот. Осумдесет отсто од пациентите со венозни мозочни тромбози се жени и тоа во најдобрата возраст, најрепродуктивна возраст. Не сакам да плашам, ама тоа е превенција која мора да ја знае жената“, ни рече д-р Чепреганов и наведува дека во ист контекст е објавена и „Медуларни васкуларни акциденти“, која е за промени на крвните садови на ‘рбетниот мозок, не на мозокот.

    „Мозочни хеморагии“ е книга за крварења во мозокот со наведени многу важни методи, а за книгата за мозочни инфаркти, мозочни исхемии, што значи тромбоза на артериските крвни садови, тој ни рече дека тие се многу чести и дека по хендикеп се на прво место, а на второ место се по смртност после карциномите.

    Д-р Чепреганов објавил над 260 научни трудови и 47  монографии од областа на неврологијата и епилептологијата, а голем број од изданијата се продаваат во „Култура“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира