Дваесет и седум уметници донираа над 30 дела за Клиниката за гастроентерохепатологија во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза.
На иницијатива и организација на Сабри Азири од Клиниката за пулмологија, дела донираа: Данчо Ордев, Гоце Божурски, Игор Мишев, Томе Мишев, Дејан Иванов Маргуш, Стефан Хаџи-Николов, Боро Арсовски, Марјан Стојаноски, Емилија Тоциновска, Стојче Тоциновски, Горан Боев, Павле Кузманоски, Невзат Кица, Решат Амети, Владимир Темков, Бурхан Ахмети, Здружението за уметност и култура „Силиндарт“ од Гостивар, Акиме Насуфи Реџепи, Дренуша Пашоли, Ванеса Ода, Лида Шарафатманд, Владимир Лазоски, Тасим Кадрија, Ардиан Кадрија, Имран Зимери, Џоко Антониев и Дејан Божиновски-Коска.
Заблагодарувајќи им се на уметниците, Азири рече дека луѓето живеат онолку колку што живеат нивните дела и дека се надева оти уметнички дела ќе бидат закачени и на другите клиники во Клиничкиот центар.
„Ние можеме многу работи да направиме заедно. Многу работи заеднички можеме да ги направиме. Има еден збор во македонскиот јазик што може и те како да ги опише многу добро работите, што мене многу ми се допаѓа, а тоа е зборот заедно. Сите ние сме собрани за едно. Заеднички можеме да направиме многу работи“, рече Азири.

Директорката на Гастроентерохепатологија рече дека со секоја слика уеметниците подаруваа повеќе од уметност, подаруваат надеж. (Фото: СДК.МК)
Данчо Ордев се обрати во име на уметниците и рече дека секогаш им е задоволство да донираат дело, а особено што со овие дела низ белите ходници просторот ќе биде оплеменет и ќе им го промени денот на пациентите и на вработените на подобро.
Директорката на Гастроентерохепатологија, д-р Мери Трајковска рече дека со секоја слика уметниците подаруваа повеќе од уметност, подаруваат надеж.
„Не случајно во домот на медицинската дејност се донесени овие уметнички дела. Во овие простории секојдневно се испреплетуваат уметноста на живеењето и моќта на медицината, таму каде што медицината е уметност во срцето на надежта и на исцелувањето. Медицината пак, во својот највисок израз, е хуманост на негувањето. Таа бара знаење, но и сочувствителност, емпатија и посветеност – истите оние вредности што ги носат овие уметнички дела. Токму тука сега денес се среќаваат уметноста и медицината во грижата за човекот и во желбата да му се олесни болката и да се внесе светлина во тешките мигови. Вашите дела најдоа свој дом таму каде што се лекуваат најтешките болести и каде што се водат најтешките битки, битките за животот, и тие ќе бидат духовна поддршка за пациентите и за медицинскиот персонал“, рече директорката Трајковска.
Б. НЕСТОРОСКА



