66-ГОДИШНА ПЛАНИНАРКА ОД СКОПЈЕ СЕ ИСКАЧИ НА ТРИГЛАВ ВО ЗИМСКИ УСЛОВИ СРЕДЕ ЛЕТО

    66-ГОДИШНА ПЛАНИНАРКА ОД СКОПЈЕ СЕ ИСКАЧИ НА ТРИГЛАВ ВО ЗИМСКИ УСЛОВИ СРЕДЕ ЛЕТОСкопските планинари на Триглав со македонското знаме и знамето на клубот „Бистра“ (од лево на десно) Горан Срезовски, Зинур Љуш, Сара Сарева, Анела Кочовска, Никола Јованов и Никола Димов, клечи Игор Крстевски

    Седум планинари на планинарското друштво „Бистра“ од Скопје на чело со планинарскиот инструкторот и водич Горан Срезовски и 66-годишната пензионерка Сара Сарева, на 27 август кога во Словенија среде лето имаше типични зимски услови, се искачија на врвот Триглав висок 2.864 метри. Заедно со највозрасната планинарка во македонската експедиција и искусниот водич, на Триглав беа уште петмина помлади членови на „Бистра“ од Скопје,  Анела Кочовска, Никола Јованов, Игор Крстевски, Зинур Љуш и Никола Димов.

    Освен на водичот, на останатите скопски планинари ова им е прво искачување на Триглав иако во изминатите неколку години по неколку пати ги имаат освоено сите највисоки врвови на Балканот Мусала, Вихрен, Олимп, Кораб. Но, поради крајно неповолните временски услови сите планинари искачувањето на Триглав го ставаат во едно од најтешките.

    Од македонската експедиција поради здравствени проблеми не се искачиле само планинарите Мано Ставревски и Весна Ивановиќ планинарка од Србија

    Воопшто не предвидувавме дека во август ќе имаме такви екстремно зимски услови. Но, уште кога се искачувавме од Аљошев Дом до последниот планинарски камп на Јулиските Алпи на 2.500 метри надморска височина, започна вистинско зимско невреме. Најпрвин силен ветер проследен со пороен дожд , а потоа и снег. Од едниот до другиот дом одевме седум часа. Повеќе од три часа одевме по мрак со помош на рефлектори што ги имавме на нашите шлемови и по снег на места и до 60 сантиметри“, вели Сарева.

    Наредниот ден во девет часот започнало последното искачување до Триглав кое траело до 12 часот.

    „Сите планинари беа решени да се искачат на Триглав, независно од временските прилики. Толку цврсто решени, што пред тргнувањето самите инсистираа да потпишат изјави дека на нивна целосна одговорност се упатуваат на врвот. За три часа со полна опрема ја поминавме планинарската патека која поради снегот воопшто не се гледаше. Точно на пладне го развиоривме македонското знаме и во чест на триумфот отворивме шише шампанско“, вели искусниот планинарски водич и спасувач  Горан Срезовски.

    Сите планинари голема благодарност упатуваат токму нему затоа што успеал да ја води експедицијата по вистинската патека и сите безбедно да се искачат до врвот и уште побезбедно да се вратат назад.

    „Ова е дел од нашата програма на активности за оваа година. Следната маршрута е повторно Кораб, а наредниот викенд повторно Мусала за каде можност имаат и помладите членови на друштвото, посебно оние кои досега не ги искачиле највисоките врвови на Балканот“, вели претседателот на „Бистра“ Никола Мајнов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира