Славата Свети Никола отсекогаш била најголема слава во Тетово, а тетовци овој светец го почитуваат и го сметаат и за заштитник на градот. Податоците за славењето на оваа слава во Тетово датираат уште од многу одамна. Тогаш, според податоците, половината од православното население во Тетово ја славело оваа слава, а и денес Свети Никола е многу почитуван од тетовци.
„Свети Никола е најчеста домашна слава која се слави во Тетово. Според еден податок што го најдов од 1931, било забележано дека од 1.200 православни домови со домашни слави во градот, дури 500 ја славеле славата Свети Никола. Од тогаш датира и онаа позната тетовска изрека дека половина град го слави Свети Никола, а другата половина им оди на гости. И денес, после 90 години, Свети Никола и понатаму е слава која тетовци најмногу ја слават. Од 2.335 семејства кои слават слава, 699 го слават Свети Никола, а тоа е речиси 30 проценти“, вели Дарко Гавровски, хроничар на Тетово и неговата историја.
Оваа слава секогаш е посна, што значи дека на софрата се принесуваат исклучиво посни јадења, а во Тетово и тој адет бил специфичен.
„Најстариот пишан адет, односно обичај, било утрото мажите да одат во црква, а по службата оделе на гости кај другите што ја слават славата. Гостите кои доаѓале се обраќале со ‘Добро утро, среќна слава’, а имало и обичај како се пречекувале. Отпрвин, уште за време на турско, било пишано дека било местено скемле (хоклица, односно стол без наслон) со чаршав, и гостите сами се служеле од мезето: речел, туршија, пекмез, јаболка, а од земјен сад се пиело ракија или од биљурче (кристално гравирано шише). Веќе од 1920-те па до 1950-те (кај некои се задржало и до 1980-те), немало наместена маса како сега, туку на масата имало само слики (кадра, како што ги викале тетовци) од домашните, а сандалиите (столчињата) биле наредени од страна за да може да се пројде со табаката за да се послужат гостите. Гостите ги служело девојче (од домашните или од роднините) и за тоа на крајот добивало бакшиш, нови влечки. Тоа, гостите првин ги послужувало со ченца (пченица која првин била немелена), а после тоа со табака понудувало полни чаши со ракија, вино, сок. Од благо се нудело ванилици, речел и баклава. Се проаѓало само по еднаш, но на постар човек можело и на двапати да му се понуди да земе. Многу од гостите ванилиците си ги ставале во шамивче и си ги носеле дома да им ги дадат на децата. Седењето било многу кратко бидејќи имало многу куќи за идење“, вели Гавровски кои овие адети како и сите тетовски зборови ги опишува во неговата книга „Тетовскиот говор“.
Одбележувањето на Свети Никола во Тетово бил машки празник, бидејќи мажите оделе на гости, а жените дома готвеле јадења и служеле. Тие не оделе тој ден на гости туку утредента, на патерица.
З. АНДОНОВ