АЈА СОФИЈА ИМАЛА ДОЛГА И СЛОЖЕНА ИСТОРИЈА ПРЕД ДА СТАНЕ СИМБОЛ НА МИРЕН СОЖИВОТ НА ВЕРИТЕ

    АЈА СОФИЈА ИМАЛА ДОЛГА И СЛОЖЕНА ИСТОРИЈА ПРЕД ДА СТАНЕ СИМБОЛ НА МИРЕН СОЖИВОТ НА ВЕРИТЕИзградена меѓу 532 и 537 година, Аја Софија важела за најголемата црква и зграда на светот (Фото: Гети)

    Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нареди светски познатиот музеј Аја Софија, едно од обележјата на Истанбул, да биде претворен во џамија, неколку часа откако тоа му беше овозможено со судска одлука.

    Аја Софија има долга и комплицирана историја. Таа била изградена како византиска црква во шестиот век и потоа претворена во џамија откако Турците го освоиле Цариград во 1453 година. Со декрет на турскиот претседател Ататурк, Аја Софија во 1934 година доби статус на музеј и оттогаш важи за симбол на мирен соживот на верите. Сегашната судска одлука го поништува тоа и му дава можност на Ердоган да ја претвори во џамија за секојдневни служби.

    Аја Софија во 1453 била претворена во џамија, а од 1934 е музеј (Фото: Гети)

    „Како музеј, Аја Софија може да функционира како место и симбол на средби, дијалог и мирен соживот на луѓе и култури, на заемно разбирање и солидарност помеѓу христијанството и исламот. Музејот е место каде што истокот го прегрнува западот и ако се преобрати, тоа би можело да ги скрши тие два света“, изјави екуменскиот патријарх Вартоломеј Први.

    Иако Ердоган кажа дека Аја Софија и како џамија ќе може да биде посетувана од туристи, УНЕСКО ја предупреди Турција да не го менува нејзиниот статус без дискусија. Таа од 1985 година се наоѓа на листата на светско културно наследство.

    Аја Софија почнала да се гради во 532 година по наредба на византискиот цар Јустинијан Први и пет години подоцна почнала да функционира како црква. Со својата огромна купола, се верува дека таа била најголемата црква и зграда на светот. По освојувањето на Цариград, отоманскиот султан Мехмед Втори изградил четири минариња и во внатрешноста ги покрил христијанските икони и златни мозаици со панели со арапска верска калиграфија, претворајќи ја во џамија.

    Откако повеќе од 1400 години била верски центар не само на Истанбул, туку и пошироко, Аја Софија стана музеј и најпопуларна туристичка атракција на Турција, што годишно ја посетуваат повеќе од 3,7 милиони луѓе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира