Албанија, која долго време беше скриен бисер на Европа, очекува наплив на туристи во следните години. Нејзината туристичка индустрија доживеа бум во изминатите години, при што масовно се отвораат хотели, а песочните плажи привлекуваат инфлуенсери на социјалните мрежи.
Во 2015, Албанија ја посетиле над три милиони туристи, што пораснало на четири милиони во 2017, односно на седум милиони во 2019. По пандемијата на ковид-19, бројките забрзано се зголемуваа, па Албанија во 2023 пречекала околу 10 милиони туристи.
Овие бројки ја направија Албанија најбрзо растечката дестинација за одмор во Европа, при што до 2030 година се очекуваат 30 милиони странски посетители. Албанија со тоа би ги надминала Хрватска и Португалија, а моментално е третата најбрзо растечка туристичка дестинација во светот, зад Катар и Порторико.
Меѓу оние кои се привлечени од Албанија се и Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кои неодамна добија зелено светло да градат луксузен хотел на островот Сазан, а вредноста на инвестицијата се проценува на 1,4 милијарди долари.
„Постои загриженост дека некои елементи на туризмот растат побрзо од она што може да се замисли. Некои градежни проекти се изведуваат без соодветно планирање. Во некои крајбрежни области, како Саранда, има значајно деградирање на животната средина, зашто има случаи кога градежниот отпад се фрла во морето“, изјави новинарот Уесли Дидани од сајтот „Саранда веб“.
Тој додава дека масовниот туризам довел до поскапувања, правејќи ги кириите и услугите недостапни за локалните жители.