„Алкалоид“ донираше 250.000 куни (33.000 евра) на Клиничкиот болнички центар „Загреб“, со цел да помогне во ублажувањето на последиците од неодамнешниот земјотрес што го погоди главниот град на Хрватска. Конкретно, донацијата е наменета за Клиниката за женски болести и породувања и за Клиниката за белодробни болести.
Од почетокот на годината, „Алкалоид“ донирал повеќе од 300.000 евра за разни здравствени установи и здруженија, не само во Македонија и Хрватска, туку и во Бугарија, БиХ и Србија.
„Во услови кога сите светски економии се препуштени на самите себе и се борат да ги ублажат последиците на новата економска криза, ретки се компаниите кои можат да ги совладаат овие предизвици и да му помогнат на своето стопанство. Овој период ќе помине и многу бргу ќе им се вратиме на нашите стари добри навики, но со поука дека треба малку да успориме и да цениме мали нешта во животот“, изјави генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
„Алкалоид“ е присутен во Хрватска уште од 1969 година, а филијалата во Загреб вработува 50-ина луѓе.