„АЛКАЛОИД“ И ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЌЕ СОРАБОТУВААТ ЗА ИЗРАБОТКА НА ОДРЖЛИВИ ПАКУВАЊА ЗА ПРОИЗВОДИТЕ

    „АЛКАЛОИД“ И ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЌЕ СОРАБОТУВААТ ЗА ИЗРАБОТКА НА ОДРЖЛИВИ ПАКУВАЊА ЗА ПРОИЗВОДИТЕМеморандумот го потпишаа проф. д-р Милка Здравковскa, проф. д-р Дејан Мираковски и генералниот директор на „Алкалоид“. (Фото: „Алкалоид“)

    Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и фармацевтската компанија „Алкалоид“ потпишаа меморандум за соработка, кој се однесува на реализацијата на заеднички проекти за стручно-апликативни и научно-истражувачки работи.

    Во фокусот на соработката ќе биде имплементацијата на одржливи фармацевтски пакувања, која ќе се спроведува во неколку фази до 2030. Меморандумот го потпишаа ректорот на Универзитетот проф. д-р Дејан Мираковски, деканката на Факултетот за медицински науки при Универзитетот, проф. д-р Милка Здравковскa, и генералниот директор и претседател на Управниот одбор на  „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов.

    Покрај студиските програми, тековните програми за практикантство, како и соработката на специјалистички трудови и докторски дисертации, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и „Алкалоид“ ќе започнат проект за имплементација на одржливи пакувања за фармацевтските производи на компанијата, кој ќе се одвива во период од 5 години и ќе се спроведува во три фази.

    Станува збор за исполнување на сообразноста со новата регулатива на Европската Унија за одржливи пакувања [Packaging and Packaging Waste Regulation (EU) 2025/40 (PPWR)], која стапи во сила на 11 февруари годинава, а со која фармацевтските индустрии се обврзани до 2030 за своите производи да имаат пакувања кои ќе бидат подготвени за рециклирање, а производите кои нема да имаат таква опција ќе бидат забранети за пласман на пазарите во ЕУ и пошироко.

    До 2035 година 55% од сите амбалажи во фармацевтската индустрија ќе треба да бидат рециклирачки, а до 2038 година пазарите на Унијата ќе дозволат пласирање само фармацевтски производи чии амбалажи имаат оценки за рециклирање А и Б.

    Целта на проектот за одржливи пакувања на фармацевтските производи ќе биде да се минимизира негативното влијание врз животната средина и да се овозможи максимално искористување на ресурсите, што претставува една од главните цели на кружната економија и еден од клучните принципи на политиката за еколошко, општествено и корпоративно управување (ESG), втемелена во корпоративната пракса на „Алкалоид“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира