„АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ ПРОДАЖБИ ОД 85 МИЛИОНИ ЕВРА И РАСТ НА ИНВЕСТИЦИИТЕ ОД 89% ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-МАРТ 2026

    „АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ ПРОДАЖБИ ОД 85 МИЛИОНИ ЕВРА И РАСТ НА ИНВЕСТИЦИИТЕ ОД 89% ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-МАРТ 2026Во периодот јануари-март 2026 во „Алкалоид“ се реализирани 28 нови вработувања во Македонија (Фото: СДК.МК)

    „Алкалоид“ оствари раст на инвестициите од 89%, консолидирани продажби од 85,1 милион евра и 28 нови вработувања во земјата во периодот јануари-март 2026.

    Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-март 2026 продажбите достигнуваат 3.660.848.825 денари, што е за 6% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 5.247.063.071 денари, што е за 1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

    Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 18% во споредба со минатата година. Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашниот пазар, а 63% на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29%, во земјите од Источна Европа 20%, во земјите од Западна Европа 13%, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите во Казахстан, каде што се зголемени 20 пати, потоа во Велика Британија, за 2,4 пати.

    Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 93%. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 7%.

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-март 2026 изнесуваат 486.313 илјади денари, што претставува раст од 89% во однос на истиот период од претходната година.

    Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 837.272.265 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека единечната нето-добивка изнесува 475.481.780 денари и е зголемена за 17%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 993.129.751 денари и бележи раст од 7%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 515.611.777 денари е зголемена за 5%.

    Во периодот јануари-март 2026 година во „Алкалоид“ се реализирани 28 нови вработувања во Македонија. Групацијата „Алкалоид“ брои 3.027 вработени, од кои 2.223 во земјава, а 804 во капитално поврзаните друштва во странство.

    Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции. Цената на акцијата во периодот јануари-март 2026 се движеше од 24.700,00 до 27.300,00 денари или просечно, 25.249,85 денари за една акција.

    Бизнис-планот за 2026 предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби и раст од 7% на консолидираниот профит во однос на 2025.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира