Фармацевтската компанија „Алкалоид“ почна да користи нов објект, кој обезбедува централизирано решение за подготовка и за движење на вработените низ производствените погони во Производство-Фармација. Во објектот има над 900 гардеробни места наменети за вработените.
Вкупната површина на новиот објект изнесува 4.100 квадратни метри, за чија изградба и опремување се вложени 3.8 милиони евра. Покрај сервисните простории, овој нов објект ќе вклучува и изложбени поставки од 88-годишниот историјат на компанијата.
„Комплексноста на оваа инвестициска фаза произлегува од потребата за функционална поврзаност со сите производствени целини на локалитетот – производство и пакување цврсти, полуцврсти и течни фармацевтски форми – кај кои се практикува различен пристап во процесите, при што вработените добиваат уште подобри услови за безбедна работа“, велат од „Алкалоид“.
Од 2017 до 2023 „Алкалоид“ има пуштено во употреба 10.720 квадратни метри и има инвестирано 18,6 милиони евра на локалитетот во „Автокоманда“. Од 2017 наваму има пуштено во употреба неколку нови фармацевтски капацитети, кои вклучуваат: погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми (масти, кремови и гелови), погон за пакување лекови, вагална за мерење суровини и магацински простор за складирање суровини.
Наскоро, „Алкалоид“ планира заокружување на уште еден нов крупен инвестициски потфат – Таблетно одделение 2.0 – чија цел ќе биде диверзификација и значително зголемување на производствените волумени за цврсти фармацевтски форми.