„Алкалоид“ отвори сопствен центар за едукација и обуки, кој ќе служи за изведување вежби, проби и обучувања на компанискиот кадар, практикантите и учениците.
„На простор од околу 1.000 квадратни метри, кој за неполни осум месеци го приспособивме, осовременивме и опремивме во согласност со најновите барања за добра лабораториска пракса, вработените во компанијата, практикантите и учениците ќе имаат можност да ги надградуваат своите знаења и да ги усовршуваат своите вештини. Во оваа инвестиција ‘Алкалоид’ досега вложи над милион евра и во иднина ќе се проширува и надградува за да прерасне во современ центар за едукација“, рече Живко Мукаетов, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“.
Во рамките на центарот се наоѓа тренинг-лабораторија, која опфаќа централна лабораторија, просторија за обработка на податоци, посебни простории за прецизни ваги и ултразвучни бањи, две предавални и други помошни простории, со кои се обезбедува технолошка целина за нормално работење на околу 50 кадри.