Македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ е најатрактивен работодавец, односно најпосакувана македонска компанија за работа за 2022, покажа анкетата спроведена од веб-порталот на Агенцијата за посредување при вработување „Вработување.ком“.
На јавното анкетно истражување спроведено во периодот од 26 мај до 19 јуни 2022, 41 % од вкупно 1.468 испитаници одговориле дека би сакале да работат во „Алкалоид“.
Наградата му беше врачена на генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, . Живко Мукаетов, на манифестацијата „Работодавец на годината“, реализирана низ симболиката на 20-годишниот јубилеј на „Вработување.ком“.
Наградите за најпосакуван работодавец се доделуваат врз база на три критериуми: бројот на посети на огласите и на објавите на сајтот „Вработување.ком“, покажаниот интерес од апликантите и јавното анкетно истражување.
На манифестацијата беа доделени награди во вкупно 7 категории.
„Како компанија во чија деловна стратегија и во стратегијата за општествена одговорност Луѓето се пред сѐ, ‘Алкалоид’ ќе продолжи да одржува и да креира високи професионални стандарди во работната средина која претставува кариерен предизвик за сѐ повеќе млади професионалци кои тежнеат својата кариера да ја градат во сопствената земја“, велат од компанијата.