„АЛКАЛОИД“ СЛАВИ 85 ГОДИНИ И ПРОДОЛЖУВА ДА РАБОТИ НА СВОЈАТА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА

    „АЛКАЛОИД“ СЛАВИ 85 ГОДИНИ И ПРОДОЛЖУВА ДА РАБОТИ НА СВОЈАТА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА„Алкалоид“ преку 60% од својот асортиман денес го пласира во над 40 земји низ светот (Фото: СДК.МК)

    Од скромните почетоци со две постројки и 15 вработени до една од најголемите и најуспешни компании во Македонија и регионот, „Алкалоид“ одбележува 85 години постоење и продолжува да работи на својата глобализација.

    „Скромните почетоци на компанијата датираат во 1936 година кога на патот Скопје-Велес е отворен еден од најстарите капацитети за преработка на алкалоиди во тогашната југословенска заедница. 85 години подоцна, во ‘Алкалоид‘ имаме околу 60.000 квадратни метри производствени погони и над 2.500 вработени во базата во Скопје и во 20-те подружници во 15 земји низ светот“, вели генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов.

    Континуираните деловен успех и одржлив развој на компанијата се должат на квалитетот на производите, кадрите, брендот „Алкалоид“ и на поединечните брендови.

    „Денес, преку 60% од својот асортиман, ‘Алкалоид‘ го пласира во над 40 земји. Светските трендови во фармација, хемија, фитотерапија и козметологија се имплементирани во нашите секојдневни операции. Нашите инвестиции во производствени капацитети, лаборатории, истражување, развој, технологија и едукација на вработените, кои во изминатите 15 години изнесуваат речиси 200 милиони евра, ни овозможуваат пласман на производи со супериорен квалитет“, вели Мукаетов.

    Покрај тоа, „Алкалоид“ и фондацијата „Трајче Мукаетов“ на разни начини го помагаат развојот на македонските здравство, фармација, култура, спорт, образование и други општествени сфери.

    „Во годината на нашиот 85-годишен јубилеј би сакал да се заблагодарам на сите генерации и членови на големото семејство на алкалоидовци за посветената работа и натчовечките напори вложени во непреченото одвивање на процесите. Главни приоритети на ‘Алкалоид‘ и натаму ќе бидат грижата за вработените, акционерите, животната средина, деловните партнери и за здравјето, пред сè“, кажа Мукаетов во своето обраќање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира