АЛПИНИСТОТ НАДИР МУРСЕЛИ БОЈАДИСУВА ФАБРИЧКИ ОЏАЦИ, ПОПРАВА МОСТОВИ, БРАНИ И ВЕТЕРНИЦИ

    АЛПИНИСТОТ НАДИР МУРСЕЛИ БОЈАДИСУВА ФАБРИЧКИ ОЏАЦИ, ПОПРАВА МОСТОВИ, БРАНИ И ВЕТЕРНИЦИМурсели се занимава со планинарење и алпинизам уште од средношколските денови. (Фото: СДК.МК)

    Тетовецот Надир Мурсели го користи своето големо алпинистичко искуство за да работи несекојдневни и опасни работи. Кога треба да се бојадиса висок фабрички оџак, да се исперат надворешните прозорци на висококатница или да се извршат поправки на мостови, брани, ветерници, силоси и на други високи и тешко достапни објекти, тоа е работа на Надир.

    Тој има 44 години, а со планинарење и алпинизам се занимава уште од средношколските денови. На Хималаите дошол до 6.200 метри надморска височина и ги искачил највисоките врвови во Северна и Јужна Америка, Мекинли и Аконкагва. Негова специјалност е искачувањето по мраз.

    „Алпинистичката техника која ја познавам ми помага кога работам на некој висок објект. Скоро сите што работат како мене на високи објекти се алпинисти. Опремата што ја користиме малку се разликува од таа што ја користиме за искачување карпи, но суштината е иста. Мора да имаме кацига со визир, соодветни јажиња, појас и друга опрема. Во нашата работа безбедноста е на прво место. Ние велиме, можеш само еднаш да паднеш. Дури и пад од 2,5 метри може да биде фатален, а не пак од 20-30 метри, висина на која најчесто работам. Често ме прашуваат дали се плашам кога работам или се искачувам на голема височина. Секако дека ми е страв, но исто така велам дека се обезбедувам со добра опрема и со верба дека ќе успеам. Познавањето на алпинизмот ми овозможува стравот и опасноста да ги сведам на минимум. Тоа е разликата помеѓу мене и некои што веруваат дека лесно можат да ја работат оваа работа“, вели Мурсели.

    „И пад од 2,5 метри може да биде фатален, а камоли од 20-30 метри, висина на која најчесто работам“, вели Мурсели. (Фото: СДК.МК)

    Бидејќи работи на отворено, постојано е изложен на ризици. Може да задува силен ветер, ненадејно да почне невреме и слично. Тогаш работата мора под итно да се прекине.

    „Треба да бидеш физички и психички подготвен, да бидеш крајно разумен кога и како ќе работиш. Потребно е знаење и на одредени занаетски вештини, како сечење со моторна пила, заварување, бушење, користење на разновиден алат“, појаснува Надир.

    Во својата досегашна работа се искачил на многу високи објекти, но во сеќавање му е качувањето на оџаците на РЕК „Битола“, на висина од 250 метри. Но, работел и други несекојдневни работи.

    „Две години работев во Швајцарија, во фирма за кастрење дрвја. Помагав околу обезбедувањето. Не ми даваа да ги сечам гранките бидејќи, според нивните правила, тоа може да го работат само лица со завршен шумарски факултет. Кај нас често ме викаат да се качам преку балкон поради заборавени клучеви. Еднаш ме викнаа во манастирот „Пречиста Богородица“ во Кичево бидејќи се скинало јажето од камбанаријата, а на домарот му било страв да се искачи“, раскажува Надир.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира