Храбрата Американка Мери Метјус, современичка на Мис Стон, во Битола го водела Американското училиште и сиропиталиште во периодот од 1889 до 1920 година. Се борела за девојките учат уште кон крајот на 19 век, кога образованието на овие простори било привилегија за мажите. Му помагала на цивилното население додека врз Битола паѓале бомби со отровен гас за време на Балканските и Првата светска војна. Обезбедувала храна за гладните, ги згрижила сирачињата.
Деновиве, за првпат во градот на кого му го посветила најголемиот дел од животот, поставена е изложба со фотографии кои ги сликала самата со малиот апарат „кодак“ додека била во Битола. Изложбата ја подготви нејзината правнука Пеги Хенсон, која допатува во Битола и ја раскажа животната приказна за нејзината пратетка.
„Била жена со викторијански ков. Била способна тука во Битола да направи сè што можеле и мажите да прават. Цел нејзин вложен труд е раскажан во нејзините дневници и писмата што ги пишувала од Манастира до нејзините во САД, а зачувани се и преку 300 фотогрфии. Нејзината оставнина собрана во мал куфер ја зеде сестра ѝ, односно мојата прабаба, па мајка ми и на крај ги наследив јас. Кога видов за што се работи, си реков ова не смее да пропадне без да биде објавено,“ вели Хенсон.
Во текот на нејзиното мисионерско патешествие, таа ги поттикнувала семејствата во градот да ги пуштат женските чеда да учат школо. Морала училиштето да го штити од бомби и отровен гас, да укорува фанцуски и германски генерали, да бара и координира помош од конзули, генерали и од Црвениот крст, наменета за сираците и цивилното население. Одела на пазар по храна, а знаела да му однесе цвеќе на преморениот персонал во болницата, а понекогаш дури и присуствувала на операции. Му помагала на цивилното население да се справи со шарлахот, колерата, грипот, а за време на војните згрижувала сирачиња.
„Таа била учителка, мисионерка, работела со жени и ги учела за светот. Таа е симбол на соработката меѓу македонскиот и американскиот народ“, рече амбасадорот на САД, Џес Бејли.
Документацијата која ја остави зад себе е вреден историски материјал зашто го опишува градот, односите, етничките групи и сето тоа поткрепено со многу фотографии кои таа ги направила уште во периодот пред доаѓањето на браќата Манаки во Битола. Меѓу зачуваните фотографии е и прославата на Малдотурската револуција на битолски Широк Сокак во 1908 година. Таа е фотографирана во друштво на семејството Кирјази, познато по тоа што учествувало во унифицирањето на албанската азбука за време на Битолскиот конгрес во 1908 година.
Понатаму, ја фотографирала и Катерина Цилка, помошничката на Мис Стон, заедно со нејзиниот сопруг и ќеркичката Елена, за која е познато дека била родена во периодот кога биле грабнати од комитите. Сликата е направена по нивното ослободување, а Елена за жал починала многу рано на 20 години од туберкулоза.
„Имаме голема привилегија да презентираме една историска изможба, за храбра и голема жена која покажува колку човек може да биде полезен надвор од границите на својата земја“, рече директорот на битолскиот Завод и Музеј, д-р Александар Литовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА