Манастирот „Св. Богородица Милостива (Елеуса)“ во Вељуса, Струмица е последниот во низата објекти од културно наследство во земјава кој доби грант од Амбасадорскиот фонд на САД. Заводот за заштита на спомениците на култура и Музеј Струмица лани во октомври доби грант од 100.000 долари за комплетна заштита на Манастирот кој датира од 11. век и е единствената градба во земјава која ја презентира византиската сакрална архитектура.
Амбасадорскиот фонд за заштита на културно наследство е основан од Конгресот на САД во 2011. Тоа е единствена американска државна програма која обезбедува директна поддршка со грантови за проекти за заштита на културното наследство низ светот.
Фондот има натпреварувачки карактер, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Амбасадата на САД, што значи дека тие се натпреваруваат со други амбасади на САД низ светот за овие фондови. Средставата ги добиваат најдобрите, најитините и проекти со најголема вредност. Досега фондот обезбедил над 1.4 милиони долари за 15 проекти.
„14 од овие проекти беа успешно завршени благодарение на посветените луѓе кои работат во институциите на културата, вклучувајќи ја Управата за заштита на културното наследство, Националните конзерваторски центри, како и музеи и галерии низ целата земја“, велат од Амбасадата.
Јасмина Пијанманова, проект координатор од Заводот и Музеј Струмица,
ни рече дека средствата од овој грант ќе се користат за целосна конзервација на фрескоживописот во манастирот кој е повеќеслоен и фреско-конзерваторите ќе работат на откривање на постарите слоеви на фрескоживописот кои потекнуваат од 13. и 14. век. Комплетна заштита на црквата „Елеуса“ опфаќа и конзервација на надворешната фасада, интервенции на кровот и конзервација на мозаикот.
„Комплетната заштита на манастирот со овој грант треба да заврши до октомври 2021 , но со оглед на ситуацијата со пандемијата од коронавирусот и други административни процедури, сигурно проектот ќе се пролонгира за уште една година. Досега малку се работеше на фреско-конзервацијата, но работата беше стопирана бидејќи треба да се направи најпрвин надворешна фасада и интервенција на кровот за да не дојде во иднина до оштетување на фреските во внатрешноста ако се појави влага. Во тек е изработка на проект за санација на кровот и земање на примероци од фасадниот малтер за да се направи соодветна конзервација. Со завршувањето на вонредната состојба се започнува со активно работење на проектот“, вели Јасмина Пијанманова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Од Музејот велат дека Министерството за култура во повеќе наврати во изминативе години финансиски интервенираше за заштита на овој значаен белег на културното наследство, но со потпишувањето на грантот ќе се придонесе за ревитализација и за подолгорочна санација и заштита на вредниот објект, како и на живописот кој има единствени иконографски решенија кои датираат од пред 8 века, а кои биле инспирација за натамошниот развој на византиското монументално сликарство.
„Наш актуелен проект е заштитата на манастирот ‘Св. Богородица Елеуса“‚ во селото Вељуса, Струмица. Целта на грантот е да се зајакне градбата на црквата и да се реставрираат и конзервираат фреските кои датираат од 11. 15. и од 17. век, како и мозаиците на подот од 11. век. Персоналот од Музејот во Струмица работи на овој проект, консултирајќи се со архитекти кои работеле на заштита на архитектурата на ‘Св. Богородица Перивлепта’ во Охрид, која беше зашиттена со голем грант од Фондот, 650 илјади долари“, ни рекоа од Амбасадата.
„Се радувам дека знам дека Американците може да помогнат и да имаат улога во одржување и заштита на културните богатства за идните генерации и векови“, изјави амбасадорката Кејт Мари Брнз.
Од 2001 година наваму, Амбасадорскиот фонд за културна заштита обезбеди директна поддршка во вкупна вредност од 1,4 милиони долари, поддржувајќи 15 проекти во Северна Македонија:
- 2001 ($ 14,000) – Конзервирање и обновување на монументалниот јавен објект Стоа, од четвртиот век пред н. е во античкиот македонски град и археолошки локалитет, Вардарски Рид, во близина на Гевгелија.
- 2003 ($ 15,000) – Археолошки ископувања на Римскиот форум во Стоби. Градот Стоби, лоциран во Вардарската долина, потекнува од архаичен период и во период од 1. до 6. век се претвори во успешен град.
- 2004 ($ 30,000) – Заштита и реставрација на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Амбасадорскиот фонд ја помогна потребната реставрација на покривот и ѕидовите на црквата, еден од најзначајните и најпосетувани културни и историски споменици. Реставрацијата се спроведе со кофинансирање од Министерството за култура.
- 2005 ($ 35,600) – Заштита и измени на турската бања во Националната галерија во Тетово.
- 2006 ($ 26,785) – Заштита на мегалитската опсерваторија Кокино. Овој проект се состои од три фази, вклучувајќи го и првиот план за менаџирање на локацијата во земјава, астрономско истражување, заштита на артефактите.
- 2007 ($ 24.000) – Конзервација на старо-словенските ракописи од 9. и 10. век во Охрид.
- 2008 ($ 54,490) – Реставрација на Националната галерија Даут-пашин амам. Амбасадорскиот фонд го помогна потребното поправање на одводниот систем и ѕидовите на амамот
- 2009 ($ 650,000) – Pеставрацијата на црквата на Света Богородица Перивлепта во Охрид, како и фрескоживописот на оваа црква.
- 2010 ($ 72,600) – Конзервирање на ранохристијанските фрески на Епископската базилика во Стоби.
- 2011 ($ 94,708) – Конзервирање и реставрација на фасадата на Аладја (Шарена) џамија во Тетово.
- 2012 ($ 98,900) – Адаптивна реконструкција на Манастирски конак од 17.век во манастирот „Свети Архангели“ во село Кучевиште, Скопско.
- 2014 ($97,000) – Реставрација и конзервација на Златкова Кула во Кратово.
- 2016 ($88,690) – Конзервација на крстилницата од 4 век во Епископската Базилика во Стоби.
- 2018 ($91,000) – Конзервација на Чифте Амам во Старата скопска чаршија.
- 2019 (100,000) – Pеставрацијата на архитектурата на црквата на „Света Богородица Елеуса“ во Вељуса, и конзервација на мозаиците и фрескоживописот.
„Овие проекти одат подалеку од заштита на културното наследство. Искуствата кои се добиени работејќи на овие проекти се вредни и тие остануваат во институциите како колективна меморија и знаење.
Како надополнување на овие грантови, американската влада спонзорира културни програми за размена, каде испраќаме професионалци во САД. Голем број учествуваа во овие програми, научија за начините за заштита на културното наследство во САД. Среќни сме што ги имаме овие професионалци како наши поранешни студенти, кои вредно и континуирано работат на заштитата на културното наследство во Северна Македонија“, велат од Американската амбасада.
В. ТРАЈКОВ