Арета Френклин, кралицата на соул музиката, е „сериозно болна“, откри извор близок до легендарната пејачка.
Изворот, кој сакаше да остане анонимен, потврди за агенцијата АП дека 76-годишната Френклин е во тешка состојба и дека нејзиното семејство е покрај неа.
Американската музичка икона во почетокот на годината ги откажа сите планирани концерти од здравствени причини и лекарите ѝ наредиле да одмора два месеца.
Минатата година, по издавањето на последниот албум, Френклин најави можност за повлекување од настапите.
Секогаш добро информираниот сајт ТМЗ објави дека минатата недела на нејзиниот долгогодишен пријател му било кажано дека таа умира.
Френклин, чија кариера опфати седум децении, освои 18 награди Греми и во 1987 година беше примена во Рокенрол халата на славните.