Француско село го доби наследството на еден Австриец како знак на благодарност неколку децении откако го спаси неговото семејство за време на Втората светска војна.
Шамбон-сур-Лињон во југоисточна Франција заштитило околу 2.500 Евреи од нацистички прогон, а меѓу нив било и семејството на Ерик Швам, кој починал минатиот месец на 90 години.
Градоначалникот на Шамбон-сур-Лињон изјави дека Швам им оставил голема сума пари, не прецизирајќи за колку станува збор. Официјални лица кажаа дека Швам од порано бил во контакт со локалните власти и дека вкупниот износ ќе биде околу два милиона евра.
„Тој бил многу дискретен господин и не сакал голем публицитет за неговиот гест. Малку знаевме за донаторот, но направивме истражување“, изјави портпаролката на гратчето Дениз Ваја.
Семејството на Швам потекнувало од Виена и тој дошол со татко му и баба му во селото во 1943 година. Нејасно е како стигнале таму, откако претходно биле во воен камп во јужна Франција. Податоците кажуваат дека родителите на Швам се вратиле во Виена по војната, додека тој се преселил во Лион, каде што студирал фармација и ја запознал идната сопруга.
Шамбон-сур-Лињон има долга историја на давање засолниште на прогонетите, а во изминатите години прими и бегалци од Блиски Исток и Африка.