Авторот на антологиската песна „Ако одам во Битола“, композиторот Петар Георгиев –Калица е добитник на годинешното највисоко општинско признание за животно дело, наградата „4 Ноември“ што традиционално ја доделува Општина Битола по повод Денот на ослободувањето.
За Битола се вели дека е најопеаниот град на Балканот. Нема точна бројка колку песни се посветени на нејзиниот конзулски, градски, па и кабадајски живот. Нема точен податок колку музички рефрени се испеани за долговековниот Широк Сокак, градските куќи со балконите, чардаците, чаршиите од кои дел исчезнаа со годините, за Тумбето и беговите, за убавите битолчанки, серенадите.
Но, битолчани се сложуваат дека од куповите песни, само две можат да се насловат како химни на градот. Првата е „Битола мој роден крај“ од сега покојниот песнописец Ајри Демировски, по чиј такт денес чука и градскиот саат. Со неа, по својата бесмртност единствено може да се спореде само хитот „Ако одам во Битола“ од композиторот Петар Георгиев-Калица. Овој легендарен хит го напишал за неполни пет минути, а за првпат го исвириле со детски синтисајзер.
„Имав голема желба да напишам песна за градските живот кој низ годините исчезнуваше. Сакав тоа да биде своевиден спомен за пајтоните, мераците, старите чаршии кои исчезнаа од лицето на градот. Во 1988 година, песната се роди одненадеж. Седејќи дома зедов лист хартија и ја напишав за неполни пет минути. Истовремено потекоа и текстот и музиката. Паметам, дека првата верзија ја снимивме дома кај текстописецот Валентин Соклевски. Ја исвиривме на детски синтисајзер и гитара, а ја снимивме на едно мало касетофонче“, раскажува композиторот Калица.
Откако се роди овој битолски хит поминаа 32 години, но тој не само што не падна во заборав, туку доживеа над дваесетина нови изведби. Се пее на секаде низ светот каде што има Македонци. Во песната се пее „ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк Сокак, а на Дембел чаршија кафе ќе се напијам, младост милно ќе се спомињам.“ Дембел Чаршија денес ја нема, на нејзино место се изградени судот и полицијата. Името го добила по мрзливците кои милувале да седат пред гостилниците, да пијат кафе со локум и ги меркаат битолчанките.
Песната за првпат пред јавноста беше изведена на фолк фест „Валандово“ 1989 година. Мелодијата ја исполни октетот „Македонија“, аранжманот го направи сега покојниот Ѓорги Димчевски. Од тогаш ја препеале многу музичари, како и легендарната македонска поп икона, Тоше Проески во рамки на албумот „Божилак“.
„Тоше ми кажа дека сака да ја препее, се видовме во Битола и разговаравме. Ми остави телефонски број. Вечерта се собравме со пријателите да прославиме за тоа што ете тој ќе ја пее мојата песна. Му се јавив на телефон и му реков ‘слушни сега како звучи оригиналната верзија’ и му ја испеавме со друштвото. Не дослуша до крај, ни рече ‘Господ здравје да ви даде’‘’, вели Калица.
Тој е композитор и текстописец, во средно училиште учел да свири виолончело, но дипломира на Правниот факултет и денес работи како адвокат, но од музиката никогаш не се раздели и добитник е на многу награди на музички фестивали. Композитор е и текстописец на големиот хит од „Макфест“ „Летај ми, летај, гулабе“ во изведба на познатиот хрватски пејач Киќо Слабинац, на „Стариот џумбушлија“ која ја испеа Ана Бекута на фестивалот Валандово, „Розите пак се тажни“ во изведба на словенската пејачка Симона Вајс… Автор е на многу песни кои се обнародиле, што народот денес ги познава како староградски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА