Контроверзното дело на Маурицио Каталан кое се состои од банана залепена на ѕид се продаде на аукција за 6,2 милиони долари, што ги надмина првичните проценки, кои се движеа меѓу еден и 1,5 милиони долари. Една од трите верзии на делото од 2019 насловено „Комичар“ за првпат се појави на аукција, што ја организираше „Сотбис“ во Њујорк.
Во наддавањето кое се одвивало многу брзо и се примале понуди во криптовалути, почетната цена била 800.000 долари, па многу брзо биле надминати претходните очекувања.
„Никогаш не мислев дека ќе кажам ‘пет милиони долари за банана‘“, изјави аукционерот Оливер Баркер.
Бананата изложена во „Сотбис“ наводно била купена дента за 35 центи, а наддавањето заврши со 5,2 милиони долари.
Победникот на аукцијата бил кинескиот бизнисмен со криптовалути Џастин Сун, кој вкупно ќе мора да плати 6,2 милиони долари, што ја вклучува и премијата за аукциската куќа. Сун ќе добие потврда за автентичност и инструкции како да го постави делото, што го вклучува и менувањето на бананата.
Сун кажа дека планира да ја изеде бананата.
„Ова не е само уметничко дело, тоа претставува културен феномен кој ги премостува световите на уметноста, мемињата и заедницата на криптовалутите. Верувам дека ова дело ќе инспирира повеќе размислувања и дискусии во иднина и ќе стане дел од историјата“, изјави Сун по аукцијата.
Делото на Кателан имаше премиера на Уметничкиот саем во Мајами во 2019 и таму се продаваше за 120.000 долари, што покрена голема дебата за природата и вредноста на уметноста. Целата драма се прошири на интернет откако уметникот Дејвид Датуна ја тргна бананата од ѕидот и ја изеде, по што беше заменета со друга. Јужнокорејски студент по уметност го повтори потегот на Датуна кога делото беше изложено во Сеул минатата година.