Графити уметникот со светска слава Банкси откри дека неговото најново дело го насликал на зграда во Украина која била погодена од руското гранатирање. Банкси на Инстаграм објави три фотографии од муралот, на која гимнастичарка изведува стој на раце врз куп остатоци од срушена зграда во украинскиот град Бородјанка, со краток опис „Бородјанка, Украина“.
Веќе беа забележани мурали во и во околината на главниот град Киев, поради што се шпекулираше дека мистериозниот уметник работи во земјата која е разурната од војна. На друг графит, за кој сѐ уште официјално не се знае авторот, е прикажано како дете победува во џудо маж кој личи на Владимир Путин. Путин има црн појас во џудо.
Бородјанка е еден од градовите кои беа најтешко погодени од руското бомбардирање, веднаш по почетокот на инвазијата на 24 февруари. Руските војници со недели го окупираа градот, кој се наоѓа на 48 километри северозападно од Киев, за конечно во апрл да биде ослободен од Украинците.
Бaнкси е еден од најпознатите уметници во светот, но е целосно анонимен.