Нуркачкиот центар „Акватек” од Охрид и Здружението за екологија и туризам „Екотуризам-2016″ од Охрид изведоа подводни активности за откривање на тајните на Белчишко Блато.
Најголемото блатно езерце Сино Дувло крие многу природни особености кои допрва треба детаљно да се проучат. При нуркањето е утврдено присуство на бројни подводни карстни извори кои го хранат со вода.
Богатството со вода е надополнето со рибна фауна, а од снимките се препознаваат јата кленови. Во шуплините од камењата има мали рипчиња писи и голема концентрација на ракчиња. Измерена е длабочина од околу 4 метри, а вишокот вода се прелева во евловата шума, која доминира во блатото и е најголема по површина во нашата држава.
„За жал, како и во Охридското Езеро, и од Сино Дувло извадивме дел од човечката неодговорност – метална рамка од велосипед. Своето место ќе си го најде како сувенир во нашата колекција”, велат нуркачите кои го истражуваа ова блато.
Д. ЧУБРИЌ