Како еднојајчани близначки, со исти фризури и шминка, и со слични фустани, на прв поглед оперските пејачки и сестри близначки Биљана Стафансон и Лилјана Јовановиќ нè збунија кога нè пречекаа во резиденцијата на шведскиот амбасадор во Македонија, Матс Стафансон.
Сопругата на амбасадорот Стафансон, Биљана, и нејзината сестра Лилјана, родени во Србија, се сопрани со врвна меѓународна кариера, а нам ни беа домаќини ден по прославата на шведскиот празник Санта Луција. Со кафе и шведски колачи, во празнично уредениот дом, веселите и љубезни Билјана и Лилјана за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажуваа за детството, кариерата, за музиката, за семејствата и за дипломатскиот живот.
„Прво сме пропеале, па сме прозбореле. Првиот концерт ни беше на вториот роденден. Ние знаевме да настапуваме и пред зграда, па публика ни беа сите соседи и ни аплаудираа“, весело почнаа певиците за нивното детство во Краљево и во Чачак, каде родителите им работеле како лекари. Биљана е постара 5 минути од Лилјана, а имаат и постара сестра, Драгана која денес живее во Чачак и е магистер по историја на уметност, црта и пишува.
Немаат музичари во фамилија, но уште на почетокот ја имале поддршката од родителите, иако, како што ни раскажуваат тие, знаеле да им речат на шега: „Па што ќе правиме со овие книги по биологија“.
Музичкото образование на близначките почнува во Белград, каде дипломирале и магистрирале на Факултетот за музичка уметност соло пеење и клавир, а како стипендисти на италијанската влада специјализирале на Конзерваториумот „Луиџи Керубини“ во Фиренца, Италија.
„Наш прв професор беше Драгољуб Томашевиќ, кој веднаш увиде дека од мали можеме да ги пееме најтешките арии. На 9 години имавме деби на телевизија, со арии од ’Волшебната флејта’ од Моцарт. Уште од мали пеевме на повеќе странски јазици, настапувавме како чуда од деца. Странците велеа дека сме сме натурзенгери, дека од мали имаме поставен глас за оперско пеење. Дебитиравме во Операта во Белград, а потоа настапувавме на сите важни оперски сцени и престижни сали. Критичарите велат дека сме ние двете сме ’ле вочи белинијане’, што на италијански значи гласови за Белини. Ние сме колоратурни сопрани и најчесто ги пееме улогите како Лучија („Лучија од Ламермур“), Џилда („Риголето“ ), сè што е колоратурно и белканто. Подоцнежните преселби нè натераа да работиме со статус на самостојни уметници, што е и можеби полесно, заради патувањата“, вели Лилјана.
Кога од Италија се вратиле во Белград, Биљана и Лилјана пееле на концерт организиран од Бразилската амбасада, пред цел дипломатски кор. На тој концерт Биљана го запознала сопругот, кој во тоа време бил амбасадор на Шведска во Србија. По венчавката во Белград заминале за Варшава, каде живееле пет години, па три во Стокхолм и пет години во Рига.
Лилјана ја следи Биљана во дипломатскиот живот, и затоа вели, последниве години релациите и се Белград- Стокхолм-Скопје, и речиси повеќе од половина година се заедно на ангажмани, бидејќи кариерите им се поврзани.
„Убавината на дипломатскиот живот е што, каде и да сме, поради интернационалниот карактер на нашата професија, можеме да си ја работиме професијата и да уживаме. Цел свет ни е сцена. Го имаме тоа задоволство да ги истражуваме музичките богатства на земјите каде живеевме. Исто така, каде и да престојуваме, ја претставуваме шведската, српската, италијанската музика. Желба ни е во нашиот репертоар да ја вклучиме и македонската музика“, вели Биљана.
Певиците велат дека имаат оперски и концертен репертоар, а особено им се драги рециталите, поради тоа што се заедно на сцена и можат да бираат сопствена програма.
„Наша пасија е да го истражуваме она што е заборавено. Конкретно, наш последен проект е презентирање на музиката на шведското кралско семејство Бернадот од 19 век. Добив дозвола од Кралицата Силвија да влезам во архивите на нивниот доврец и да пронајдам сè што одговара на нашите гласови. Кралицата рече дека сака ние да ја презентираме надвор таа музика која се изведувала само во дворецот, во затворен круг. Проектот го претставивме годинава на Охридско лето и на Есенските музички свечености, а исто бевме и во Белград и во Рига. Ќе издадеме и цеде од овој проект. Ова е проект кој многу нè исполнува, бидејќи публиката треба да слушне и нова музика, нова програма а, задача на нас уметниците е тоа да го презентираме во најубаво светло“, рече Биљана, а Лилјана ја дополнува:
„Тоа е тренд во светот, да се оживуваат легендите, и изведувачи и композитори“.
На прашањето дали лесно се договараат за композиците и за сценскиот изглед, дали има нешто за што не се согласуваат, тие низ смеа велат: „На старт, секоја го кажува сопственото мислење, има работи, кои различно ги гледаме, па потоа сфаќаме дека може и едно и друго и наоѓаме компромис. Од секој аспект го гледаме проблемот и заеднички доаѓаме до решението“.
Како идентични близначки, велат нормално, во детството имало ситуации кога се покривале една со друга, па така во една прилика, додека учеле, Биљана два пати направила писмена по математика, додека Љиљана имала концерт на пијано.
„За време на студиите во Италија, се запознавме со Пласидо Доминго и тој ни рече дека би било интересно како близначки, со оглед на тоа дека имаме слични гласови, не исти, но најслични на најблизок начин да пееме ист лик, една по друга, во некоја опера. Тоа е убава идеја за некои похрабри, аванградни режисери, и би било интересно да се направи претстава во која публиката можеби нема да забележи, а можеби и да знае“, вели Биљана.
Омилени автори им се Моцарт, Верди, Доницети, но сакаат и џез, шансони како и изворна музика. Потенцираат оти особено им е важна публиката, бидејќи тоа е, велат, посебна размена на емоции, возвишен момент кога се чувствува дека нешто трепери во воздухот, некое посебно задоволство.
„Тоа е наша мисија, мисија на уметноста, да дојдеме до создавањето на убавината, да предизвикуваме емоции кај публиката. Најважно е кога ќе се најдеме пред публиката, таа е третиот елемент во создавањето на уметноста и без неа, не е сè исто “, вели Лилјана, на што се што се надоврзува Биљана:
„Нашиот татко беше шахист и имаше еден пријател Русин, кој често ни велеше: ’Што поголем талент, толку повеќе работа’. Кој не работи гине. Така и за нас, работата ни е одмор, најубаво се чувствуваме кога сме на сцена“.
За поддршката од сопругот, амбасадорот Стафансон, Биљана вели дека тој ужива кога ги слуша нив две, сака музика и опера и во секоја земја каде што живееле редовно ги посетуваат културните настани.
„Мојот сопруг одлично пее, има одличен бас, оперските пејачи можат да бидат љубоморни на неговиот глас (ха, ха). Кога ќе запееме сите во куќата навистина е прекрасно, сите уживаме, тој ни вели дека пееме како два ангели“, вели Биљана.
Три години по ред оперските певици настапуваат во Скопје на традиционалниот концерт во чест на Санта Луција, кој го организира Шведската амбасада.
Денот на Санта Луција во Шведска се слави секоја година на 13 декември, како фестивал на светлината во темните нордиски ноќи. Речиси сите шведски амбасади низ светот организираат прослава за Санта Луција за да го пречекаат Божиќ со радост и светлина.
„Во Шведска, Санта Луција се слави од рано утро. Има пренос на телевизија од традиционалната процесија со повеќе мали момчиња и девојчиња на чело со едно девојче избрано да биде Санта Луција, облечено во бела наметка со круна со венец од свеќи на главата, пеејќи ги стиховите на празничната песна. Претходно во секое село и град, па дури и на национално ниво се бира кое девојче ќе биде Санта Луција. Тоа е веќе една културна манифестација која го нема тој религиозен карактер, а не ни празник, но е многу важен во Шведска, и воопшто во Скандинавија. Тогаш е најдолгата ноќ и затоа е повеќе како прослава на светлината која недостасува во овој период од годината. Има и соодветна шведска божиќна зимска кујна, се пејат песни за Луција, како и божиќни песни“, вели Биљана.
Оперските певици велат оти се радуваат дека заедно со нивните синови ќе ги поминат божиќните и новогодишните празници во Скопје, и најавуваат дека наскоро ќе имаат концерт во Белград со дуети и арии од Моцарт, и оти се во фаза на истражување на класичниот македонски репертоар, од кој би подготвиле нов рецитал.
Б. НЕСТОРОСКА