БИТОЛЧАНИ СЕ ФУДУЛИ УШТЕ ОД ТУРСКО, НА ЛОКУМ ФЕСТ СЕ ЧИТААТ СУЛТАНСКИ ФЕРМАНИ ОД ПРЕД 170 ГОДИНИ

    БИТОЛЧАНИ СЕ ФУДУЛИ УШТЕ ОД ТУРСКО, НА ЛОКУМ ФЕСТ СЕ ЧИТААТ СУЛТАНСКИ ФЕРМАНИ ОД ПРЕД 170 ГОДИНИИ типичниот менталитет во Битола денес влече корени од османлискиот период, кажа студентот Васко Гичевски на Локум фест (Фото: СДК.МК)

    За наконтеноста и надуеноста на битолчани се знаело уште од турско. Од тоа време останал и турцизмот фудул, што во други краишта се среќава и како фодул, а значи дотеран, надмен, па и вообразен.

    Васко Гичевски, студент по историја, на кого пасија му е истражувањето на османлискиот период, на Локум фест во Битола настапи со анализа на битолските фермани од турско време. Тој рече дека иако Османлиската Империја ја нема еден век, сепак, ние се соочуваме со османлиското влијание секојдневно, како седење и пиење кафе, јадење локум, па дури и муабетење.

    „Нашиот јазик има меѓу 3.000 и 5.000 турцизми. И типичниот менталитет во Битола денес влече корени од османлискиот период. Во Битола го има и зборот фудул или во превод, човек не бива да излезе недотеран од дома. Во османлиско време било срамота човек да шета без шапка, па до 1970 година се задржа навиката секој битолчанец покрај костум, да треба да има и шапка, да биде дотеран, суреден… Тој менталитет е присутен до денес. Потоа, ние сѐ уште се групираме во мали групи, како што некогаш бил милет системот. Тогаш биле на конфесионална основа, а сега на возрасна, партиска и друга“, рече Гичевски во јавниот настап на Локум фест.

    Зборувајќи за турските фермани од 19. век, тој рече дека пред 170 години и султанот од Константинопол бил достапен да ги чуе жалбите на обичните поданици дури од Битолско.

    „Во ферманот од 1849 година се чита дека сите граѓани, односно поданици на Османиската Империја, имале право директно да се жалат до султанот, нешто што ретко се гледа во современите држави. Таа година, султанот Абдул Меџит од Константинопол им пишал на мутасерифот на Румелискиот елает Ариф паша и на муфтијата дека Јован, Трајче и Никола од село Драгорш, Битолски кадилак, поднеле жалба до Царскиот двор против Димо, Ристе, Трајче и Лала од село Негочани, кои бесправно им ја одзеле нивата. Султанот им наредил да се испита спорот и правично да се пресуди“, рече Гичевски.

    Во ферманите од 1899 и 1904 година, султанот Абдул Хамид му наложил на познатиот битолски валија Абдул Керим паша да им даде дозвола на жителите на Буково да изградат црква и покрај неа училиште, за да ги задоволуваат своите образовни потреби и тоа да биде платено од сите побогати граѓани, кои плаќале 20 лири десеток годишно. Да го платат богатите како дар за сиромашните. На преминот од 19. во 20. век, во Битола имало 14 женски училишта, од кои само две биле на османлиската држава. Понатаму, военото училиште во Битола, денешниот Завод и Музеј, било изградено во 1847 година како прво такво во европскиот дел од Османлиската Империја. Второ такво по две години било изградено во Истанбул. Битола има земјоделско училиште од 1908 година, како резултат на мерките на државата да се подобри социјалната структура на населението.

    Гичевски три вечери по ред откриваше интересни детали од турските фермани на Локум фест, фестивал кој се залага за култура, а не за естрада и негување на традицијата. Организатори се ЗГ „Локум фест“ и Центарот за културна деконтаминација, а се одржува на Бит фест.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира