По примерот на француските баронеси и грофици, битолчанки уште пред повеќе од еден век располагале со лични печати-мурови. Меѓу зачуваните примероци со својата калиграфија воодушевуваат печатите на извесни Евдокија и Парашкева изработени во 1904, па на Михрибан во 1911. Не е исклучена можноста и најстариот турски печат зачуван до денес во битолско да е на жена, зашто на него е изгравирано името Ифет и годината 1808, односно 1223 по исламскиот календар.
Изнанедува фактот што во периодот кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кој важел за мрачно време за женските права, кога девојките биле мажени од интерес, а не од љубов, кога се слушал гласот на мажот и повеќето не ги пуштале на школо, битолчанки имале право да користат свои белези во писма и други административни документи.
Овие мурови се дел од најголемата збрика на турски печати со арапско писмо во земјава, зачувана во Завод и музеј Битола, а истражувањето го направи Александар Литовски, доктор по историски науки.
„За мене беше изнанедување што во големата збирка печати со кои располага установата, а се донирани од граѓани или наоѓани при ископувања, наидов и на женски печати. Изработени се од месинг, а врз нив е врежано писмо на арапски јазик. Го преведовме и забележавме дека испишано е името на сопственичката и годината на изработка“, вели Литовски.
За жал, нема попрецизни податоци за животот на битолските дами кои имале права еднакви на мажите врз мастилото или растопениот восок да ставаат свој печат. Низ Битола со години се раскажува дека на почетокот на 20 век најголемиот трговец била жена, поеснаф од мажите. Од постарите жители останаа раскажувањата дека се викала Пара. Дали тоа била онаа Парашкева со печатот, никој не може да потврди. Но, се знае дека успевала во турско време во Битола да ја донесе европската мода.
Додека низ градот шетале забулени и жени во шамии, таа предизвикала земјотрес во средината продавајќи женски здолништа со шлеп, блузи скроени во струк, па и долна облека како кобинезони и корсети. Била економски многу моќна и во Битола ги облекувала жените на конзулите. Се верува дека имала препознатлив печат што го ставала на документите за нарачка на облека од Париз, Виена и Солун.
„Засега немаме подетални податоци за животните приказни на сопствениците на овие 40 печати. Се знае дека повеќето од нив биле трговци и административни службеници. Дел од печатите се еднострани, а дел тространи, се вртат на три различни позиции и имаат врежано писмо“, додава Литовски.
Печатите во тоа време биле на ранг на сертификат. Се ставале врз докумените на докажаните занаетчии. Не можел секој да се прикаже како знаетчија во битолската чаршија. Во збирката на Завод и музеј зачувани се печатите на качарскиот и папуџискиот еснаф. Иако најголемиот дел од зачуваните печати се останати од муслимани, врв некои од нив врежани се христијански симболи. Таков е тространиот печатот на Јакуб Јусуф од 1878, на кој јасно се гледа дека се исцртани двоглав орел и лебед над глава со црковна капа и крст.
Печатите биле привилегија најчесто за богатите и важните општествени личности, но свој мур имал жител на Битола, кој се претставувал како Абдулхамил Сиромавиот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА