БЛАГОДАРНА СУМ ШТО САД ОБЕЗБЕДИЈА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНИЈА, ПИШУВА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА КЕЈТ БРНЗ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА БЛАГОДАРНОСТА

    БЛАГОДАРНА СУМ ШТО САД ОБЕЗБЕДИЈА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНИЈА, ПИШУВА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА КЕЈТ БРНЗ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА БЛАГОДАРНОСТААмбасадорката Кејт Брнз им подели традиционални пити за Денот на благодарноста на вработените во Институтот за јавно здравје како гест на благодарност за нивната напорна работа и посветеност во борбата против ковид-19. (Фото: Фејсбук/Амбасада на САД)

    Ден на благодарноста е празник за кој Американците традиционално патуваат дома за да бидат со најблиските, да вечераат заедно, да учествуваат во паради и да одат во шопинг. Идејата на споделувањето и заедништвото оваа година е нарушена од пандемијата на коронавирусот, па здравствените власти ги советуваа Американците да останат дома и да прослават само со оние со кои живеат.

    „Во САД, Денот на благодарноста е еден од најспецијалните денови во годината, ден посветен на споделувањето и на изразувањето благодарност со семејството, пријателите, колегите и соседите. Каде и да сте, ова е ден кога ги отвораме нашите срца и маси за луѓето кои прават разлика во нашите животи“, вели американската амбасадорка во Македонија Кејт Мари Брнз, во отвореното писмо по повод еден од најважните празници во САД.

    Празникот, кој традиционално се прославува во четвртиот четврток во ноември, овојпат ќе изгледа сосема поинаку.

    „Оваа година моравме да откажеме голем број традиции поврзани со празникот: големи вечери со мисирка со саканите, фудбалски натпревари, празнични трки и прошетки и едноставно уживање да се биде заедно. Но, постои една традиција што пандемијата на ковид-19 не може да ни ја одземе: изразување благодарност за благословите и радостите на годината“, вели Брнз.

    Ден на благодарноста е празник во чест на жетвата, чија традиција датира од првата половина на 17. век, иако некои докази сугерираат дека се одбележувал и порано. Важен дел од прославите денес се спортски натпревари и паради, а централно место зазема семејната вечера, кога на менито се мисирка, пире од компири и пита од тиква. Една од традициите, што почна со Џон Кенеди, е и претседателот да помилува на една мисирка.

    „И покрај фактот што не можеме лично да се сретнеме, можеме да се собереме околу заедничката виртуелна маса и да ги изразиме нашите поединечни и колективни благодарности. Благодарна сум што ги претставувам САД во земја со која негуваме долгогодишно партнерство низ предизвикувачки времиња. Оваа година беше означена со многу победи кои беа засенети од насловите за пандемијата: членство во НАТО, безбедни, мирни избори кои водеа кон брзото формирање на влада и позитивната препорака од Европска Унија, која ја покани земјата да ги почне пристапните преговори. И покрај нашето разочарување од актуелните проблеми со Бугарија, очекуваме тие наскоро да бидат решени и Северна Македонија да зачекори по патот кон ЕУ. Благодарна сум за дипломатските и меѓународните партнери на амбасадата со кои работевме за да ги оствариме евроатлантските аспирации на оваа земја. Благодарна сум што САД беа во можност да обезбедат поддршка за вашата земја и што можевме да продолжиме да работиме на бројните иницијативи. Благодарна сум за младите во оваа земја, чија отпорност ме инспирира и дава надеж за иднината на земјата. Да научиме лекции од оваа година, да излеземе посилни од предизвиците со кои се соочивме и да направиме 2021 да биде година на повторно отворање, оптимизам и ветувања“, вели Брнз.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира